Животот како да си го спакував само во два куфери...
Куфери. Стојат отворени на креветот и куп работи наоколу што треба да се сместат во нив. Почнува некое чудно и досега непознато чувство. Почнувам да ги полнам куферите иако не знам од каде, од некаде морам да почнам.
Секоја една работа што ја ставам внатре носи свој спомен. Шалот направен од рацете на мојата баба е мек и топол како и првиот ден кога го добив. Се сеќавам на неа, на убаво детство, на сите нејзини совети, прекрасни јадења, на нејзините збрчкани раце кои обожавам да ги држам.
Очите ми се навлажнуваат, прекршив ветување. Но, прстенот на мојата лева рака вечно ќе стои овде и ќе ме потсетува на неа.
Мојата мала соба, за миг се претвори во голема просторија преполна со сеќавања и спомени каде што јас се изгубив, потонав.
Секој агол сега ми значи. Ги собирам сите фотографии поставени насекаде. И оние од ѕидовите, од полиците,од фиоките и од албумите. Знам дека фотографиите нема да ме прегрнат кога ќе бидам тажна и осамена, но премногу ми значат за да ги оставам сами.
Сè е подготвено, чувствувам како да си го спакував животот во тие два куфери.
Но, сфаќам тоа се само ситници, вистинските работи ги оставам зад себе во неможност да ги спакувам и понесам со себе.
Гледам во некоја мртва точка, не размислувам за ништо. Изгледа е време да ја напуштам мојата соба. Ја фаќам кваката на вратата, истата онаа врата што ја имам треснато многупати велејќи низ солзи „еден ден ќе заминам и нема да се вратам, се колнам“. Не знам дали да се радувам или тагувам што тоа се исполни.
Морници ме лазат.
И конечно ја затворам врата од моето засолниште. Веќе во другата соба ме чекаат оние кои најмногу ќе ми недостасуваат, оние кои најмногу ми се потребни и секогаш ми биле.
Влегувам. Тишина. Сите погледи свртени кон мене. Сите чекаат последно збогум и прегратка за крај или до следно гледање.
Сите ги сакам, од кој да почнам со кој да завршам. Во кои очи да погледнам го наоѓам истиот поглед. Почнувам од моите баби и дедовци, кои се многу важен дел од семејството за мене, моите тетки, вујко, братучеди.
Со сите разменет по некој збор, некое прашање, некое ветување, нешто што треба да исполнам и нешто што не сум успеала да го направам.
Сите од нив повеќе ми кажуваа со нивниот тажен поглед, отколку со зборови. Протекоа и солзи.
Тоа не е ништо срамно, туку искрено. И најтешкото збогум е она што треба да се каже, на оние двајца што те израснале, оние кои што ти пружиле сè или се труделе. Оние што те научиле на првите чекори, зборови...
Оние што додека те гледаат во очите, им се кине душата, оние додека глумат дека сè е во ред, а срцето од тага се рони.
Тие вечно ќе се мои родители, единствени и најсакани, а јас нивно чедо што заминува.
Го напушта своето гнездо заминувајќи надалеку од овде.
Делиме иста или слична тага. Ниту јас ќе најдам замена на родители, ниту тие своја ќерка.
Една солза, друга, третата и веќе не се сопираат.
Се бориш, но на крај се предаваш. Како исплашена срна што бега од оружјето на ловџиите и се крие во својата мајка со надеж дека ќе се засолни, исто јас се фрлам во прегратка на мојата лавица,а јас исплашена како срна.
Плачам, навистина плачам и не се обидувам да се сопрам.
Го чувствувам нејзиниот ист мирис како и секогаш, спомени како стрела се пробиваат. Никој во таа просторија не остана рамнодушен на тоа збогување,ниту тато. Ниту мојот херој не успеа да ги задржи своите солзи.
Уште еднаш застанувам и ги погледнувам сите, нивниот поглед кој вели не оди. Се обидувам да изговорам последно збогум. Но, сега имам грутка во грлото, не можам да ја проголтам и гласот ми трепери.
„Сите ве сакам, секогаш ќе мислам на вас и ќе се вратам еден ден“ за првите реченици сум сигурна, но за последното ветување не баш.
Чувствувам колку ми е влажно лицето од тешките солзи. Го пречекорувам прагот на вратата од куќата несигурна дали повторно ќе го пречекорам назад. Ги ставам куферите во автомобил.
Последен поглед кон сите нив.
Веќе сите се предадени, секој подлегнал на тагата, никој повеќе не се крие.
„ПОЗДРАВ“ изговарам влегувајќи во автомобилот, погледнувајќи ја куќата каде што израснав. Мама паѓа, нозете не ја држат, но тато како и секогаш е овде до неа и ја држи да не падне барем не додека јас гледам.
Почнувам да липам, почнувам да плачам гласно. Пуштам музика. Веќе сум сама, никој не ме слуша ниту гледа. Го отворам срцето и пуштам од него да тече сè што имам собрано.
Така, ете така, додека ми пукаше срцето од некое лошо чувство на тага, јас го напуштив својот дом, својот град, држава и континент...
Автор: Виолета З.
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!