Избега од затвор преку тунел, при апсењето на син му загинаа 29 лица: Како Ел Чапо стана најмоќниот нарко-бос во светот?
Ел Чапо се смета за еден од најмоќните криминалци во светот, а неодамна беше уапсен и неговиот син во операција во која загинаа 29 лица. Па, како Ел Чапо стана лидер на најмоќниот картел во светот и дали син му го наследи?
Деновиве главна тема на разговор е Овидио Гузман, синот на озлогласениот нарко-бос познат како Ел Чапо.
Ел Чапо, чие вистинско име е Хоакин Гузман, се смета за еден од најмоќните криминалци во светот и моментално се наоѓа во затвор.
Син му, за кого се верува дека сега е лидер на неговиот картел, беше уапсен неодамна, а при апсењето загинаа дури 29 лица.
Според CNN, операцијата се одвивала во северниот дел на Мексико, а апсењето се случи откако властите на САД понудија дури 5 милиони долари за каква било информација за него.
Овидио беше уапсен на 5-ти јануари 2023 во Кулијакан, а набрзо потоа во градот започнал вистински хаос.
Во операцијата учествувале 200 припадници на специјалните сили, а локалните власти пратиле апел до жителите на градот да останат во нивните домови за да ги избегнат престрелките помеѓу полицијата и картелот.
CNN пренесува дека помеѓу загинатите има членови на картелот и воени лица, а не се регистрирани повреди и убиства на цивили.
Па, веројатно се прашувате како Ел Чапо, а со тоа и неговиот син, станаа едни од најмоќните нарко-босови во светот.
Не е позната годината на раѓање на Ел Чапо, но се верува дека е роден помеѓу 1954 и 1957 година.
„Кариерата“ ја почнал во 1980-тите, кога станал дел од картелот Guadalajara. Тој брзо се истакнал над другите членови на картелот, а по неговото распаѓање во доцните 1980-ти, стана лидер на картелот Синалоа.
Под водство на Ел Чапо, картелот разви навистина креативни стратегии за шверцување дрога. Тие изградиле и тунели под границата на Мексико и САД, а неретко пренесувале дрога скриена во конзерви со пиперки.
Некогаш, пак, буквално ја фрлале дрогата преку граница со катапулт.
Картелот на Ел Чапо произведувал и шверцувал разни наркотици, вклучувајќи марихуана, хероин, кокаин и метамфетамин.
Благодарение на креативноста на Ел Чапо, картелот се претвори во најголемата криминална банда во светот.
Во 1993 година, Ел Чапо преживеа обид за убиство, а набрзо потоа беше уапсен во Гватемала.
Неговот судење се одржа во Мексико, каде што беше обвинет за шверц на дрога и поседување оружје, по што доби 20-годишна казна затвор.
Сепак, користејќи мито, Ел Чапо уживал голема слобода, па дури и продолжил да управува со неговата криминална организација од затворот.
Во 2001 година, нарко-босот успеа да избега од затвор со помошта на неколку чувари кои ги подмитил. Според гласините, тој успеал да избега криејќи се во корпа за валкана облека.
Ел Чапо продолжи со своите криминални активности, а во 2009 година, магазинот Forbes го процени неговото богатство на 1 милијарда долари.
Во првата деценија од 21-ви век, картелот на Ел Чапо беше одговорен за многу крвави пресметки со други банди, но и со воените лица од Мексико. Според властите во Мексико, Ел Чапо е одговорен за смртта на над 10.000 луѓе.
Овој период Ел Чапо стана главна мета на властите на САД, а тие понудија 5 милиони долари за какви било информации за него – истата сума што сега ја понудија и за неговиот син.
Ел Чапо успешно се криеше од властите сè до 2014 година, кога беше уапсен во град во Мексико.
Во 2015 година, тој успеа да избега од затвор, со операција како од акционен филм.