Совети за онлајн купување со кои ќе заштедите, но и ќе се заштитите од лаги и измами
Купувајте во вистинското време
Како физичките продавници, и онлајн продавниците продаваат одредени продукти по многу пониска цена кога не им е сезона.
На пример, ќе поминете многу поевтино ако онлајн купите новогодишна елка во октомври или ноември.
Следете ги омилените продавници на социјалните мрежи
Онлајн продавниците секогаш известуваат на социјалните мрежи кога има попусти и акции.
Па, препорачливо е да ги следите оние од кои купувате најчесто.
Не купувајте од сомнителни продавници
Никако немојте да порачувате продукти од непроверени продавници, особено ако треба да платите со картичка.
Немојте да паѓате ни на лажни реклами на социјалните мрежи. Имајте на ум дека ако нешто звучи премногу добро да биде вистина, најверојатно е само лага.
Не ги зачувувајте податоците од вашата картичка
Онлајн продавниците нудат опција да ги зачувате податоците од вашата картичка, за да не мора да ги внесувате одново кога ќе купите нешто следен пат.
Но, иако квалитетните онлајн продавници се грижат за безбедноста на овие податоци, секогаш е подобро да не ги зачувате.
Можеби продавницата ќе стане мета на хакерски напад, а можеби некој ќе ви го украде телефонот или лаптопот и практично ќе има пристап до овие податоци.
Читајте ги коментарите од другите купувачи
Пред да нарачате нешто, не заборавајте да ги прочитате коментарите од другите купувачи кои го пробале производот, особено ако станува збор за продавница што не ви е позната.
Вака ќе знаете што нарачувате и дали вреди да ги давате вашите пари.
Спирова С. | Црнобело