„Ние уште си гледаме на кафе“ – Македонки споделуваат искуства за гледањето на кафе + толкување на симболите
Толкување на бројот 7 во шолја со кафе – Нова љубов (ако седмицата е без црта), обновување на стара љубовна врска која ќе заврши на истиот начин (ако седмицата е со црта). Се сеќавате ли? Марија (62) од Гевгелија ни раскажа: „Ние уште знаеме да си се собереме и да си гледаме на кафе. Тоа ни остана уште од млади години…“
Сите ние, на некој директен или индиректен начин сме биле дел од „уметноста“, односно вештината на гледање (или гатање) на кафе. Дали нас ни ја читале судбината, или пак сме биле само присутни додека на некој друг му била откриена иднината, можеме со сигурност да заклучиме дека ни е познат овој обичај многу добро.
Постојат неколку видови на гледање во шолја, во зависност дали станува збор за остатоци (ливчиња) од чај или талог од кафе.
На пример, обичајот на гледање во остатоци од лисја од чај потекнува од древната Кина, кој потоа се пренел во Европа и останатите делови од светот. Кај нас овој начин на гледање во иднината не е воопшто распространет.
Додека пак гледањето во талог од кафе, се претпоставува дека датира уште од 16 век, и дека потекнува од Турција. Тоа е вообичаена и секојдневна практика и во делови од арапскиот свет, Русија, и секако, нашите региони (донесен преку Отоманската империја). Додека пак на Запад (САД, Канада, Велика Британија) овој обичај е нов, и е донесен од имигрантите од овие простори и Блискиот Исток.
Гледањето во шолја на кафе официјално се нарекува тасеографија, и претставува предвидување на судбината врз основа на трагите што талогот од кафе ги остава во шолјата. Гатањето како такво има некои основни правила. Нормално, тие правила не се напишани во некакви книги и не можат да се научат со читање на научни статии.
Најдобар начин како може научиме да гатаме на талог од турско кафе е од нашите мајки, баби, тетки, вујни: една усмено пренесена традиција која останала широко распространета на Балканскиот Полуостров.
При гатањето, секоја култура има свои особености, ритуали и традиции, а се чини дека религијата игра голема улога во тој процес. Одредени симболи, како што се крст, црква, ангел, полумесечина, ѕвезда, имаат сосема различни значења во различни култури.
Гатањето на кафе претставува и едно збогатување на секоја култура поединечно. Со цел да дознаеме повеќе за овој подзаборавен обичај, остваривме разговори со неколку жителки од различни градови на нашата земја, кои ни раскажаа интересни приказни во однос на гатањето на кафе;
Цветанка (70) од Велес раскажува:
„Гледањето на кафе кај нас се случуваше многу често. Ама тоа беше додека бевме помлади. Сега како да се изгуби тоа.
Ќе се соберевме неколку другарки и си гледавме. Една од нас знаеше најмногу и таа секогаш ни гледаше на останатите.
Некои работи ми се имаат остварено, некои не, ама како и да е убаво ни било. Така се зближувавме повеќе.“
Марија (62) од Гевгелија ни раскажа како кај нив уште е присутна оваа традиција.
„Ние уште знаеме да си се собереме и да си гледаме на кафе“, преку смеа ни кажа.
„Тоа ни остана уште од млади години. Треба убаво да се исуши талогот, па да ја поделиш шолјата на четири дела со раката, па да си замислиш желба, и секој дел ти е нешто, или фамилија, или работа, или куќа, или здравје, и така натаму.
Па мора трипати да ја завртиш на десно. Абе триста правила, веќе ги имам заборавено. Интересно е. Можеби не е вистина ама интересно ни е нас.“
Александра (50) од Битола со нас сподели:
„Сега поретко, ама порано знаевме и во ресторан или некое кафуле додека седиме да си гледаме на кафе. Ќе му кажевме на келнерот да ни го направи убаво, дебело, со многу талог и да ни го донесе во бели шолји, за убаво да се види после кога ќе се исуши.
И си замислувавме само љубовни желби. Само тоа нè интересираше – љубовта.
Ама убави времиња. Така ни помина младоста. На тоа најмногу ќе се сеќавам.“
После сите разговори, заклучивме дека гледањето на кафе било пораспространета и почеста практика во минатите години, и кај христијаните и кај муслиманите. Сега се случува многу поретко, и избледуваат нејзините традиционални траги.
Можеби гатањето не бил начин да им се ѕирне на судбината и иднината во двор, туку еден повод за дружење, за муабети, за смеа, за вистинско пријателство. Да се рашири позитивна енергија, убава и топла атмосфера, и повеќе надеж за поубав живот.