Пар 6 години живее на брод - кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат, а за кои никој не зборува?
Неретко и двајцата копнеат по стабилноста што ја нуди животот на копно
Софи вели дека често ѝ фали стабилноста од животот на копно, бидејќи живеењето на брод е многу непредвидливо.
„Многупати мораме да станеме среде ноќ бидејќи слушаме дека нешто се движи на палубата, или ни се чини дека нешто не е во ред, или сме под стрес бидејќи треба да почне тропска бура. Многу денови си велам: Сакам да сум во куќа која не се движи и не се обидува да ме убие“.
Воопшто не им е лесно што се далеку од семејството и пријателите
Софи и Рајан велат дека иако ја сакаат слободата, животот на брод ги истоштува и физички, и психички.
Според Софи, можеби најтешко им е кога им недостасуваат семејството и пријателите.
„Многу е тешко да се живее на брод и да се патува околу светот. На крај, сите ние сме социјални суштества и навистина копнеам по моите пријателки со кои одев на ручек секоја недела“.
Некогаш им фали и најобична тоалетна школка
Бродот не може да ги нуди истите удобности како стан или куќа, а парот вели дека можеби најмногу им фали тоалетната школка со казанче.
„Секое одење во тоалет ни е како вежбање. Го земаме здраво за готово фактот дека на копно можеме да пуштиме вода во тоалетната школка само со притискањето на едно копче“, вели Рајан.
Тој вели дека мораат рачно да ја пумпаат водата во нивната тоалетна школка, а на секои 3-4 месеци мораат рачно да го празнат септичкиот резервоар на бродот.
Не е лесно да се работи од брод
Нормално, на Рајан и Софи им требаат приходи, а велат дека не е воопшто лесно да се најде работа што одговара на нивниот начин на живот.
Бидејќи работат „фриленс“, некогаш работат многу повеќе од осум часа за да се осигурат дека ќе имаат доволна заработка. А, одвреме-навреме мораат да решаваат проблеми на бродот додека работат.
„Пред две недели налетавме на тропска бура. Не спиевме цели 24 часа. А, не можете да правите ништо во таква ситуација. Но сепак, нашите клиенти очекуваат да си ја завршиме нашата работа“, вели парот.
Животот на брод е многу скап
Покрај трошоците за самиот брод (до 20.000 долари годишно), парот открива дека некогаш плаќаат многу пари за храна, во зависност од локацијата.
На пример, ако се на Бермудските Острови, можат да потрошат и над 100 долари за храна за само четири дена.
Немаат простор еден за друг
Бидејќи сепак станува збор за релативно мал брод, Рајан и Софи го минуваат целото време заедно. А, некогаш ова може да предизвика проблеми во врската.
„Партнерот ви станува сè. Што значи, мене Рајан ми е романтичен партнер, но и најдобар пријател, психијатар, болничар и колега.
Но немојте да мислите дека овој начин на живот ќе ви ја спаси врската. Всушност, може дури и да ја влоши“, вели Софи.
Рајан и Софи велат дека понекогаш одат на советник за парови, но прават и пауза од животот на брод бидејќи и на двајцата им треба време за себе.
Спирова С. | Црнобело