Пар 6 години живее на брод - кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат, а за кои никој не зборува?
Додека ништо не се споредува со слободата што ја носи животот на брод, Софи и Рајан велат дека овој живот е многу скап, некогаш им создава раздор во врската и честопати размислуваат за „нормален“ живот на копно.
Многу луѓе барем еднаш во животот помислиле да остават сè зад себе, да си купат брод и да почнат да живеат на море.
Рајан Елисон и Софи Дарси го направиле токму ова, но иако уживаат во слободата што ја нуди овој начин на живот, парот истакнува дека животот на море е далеку од лесен и совршен.
Рајан и Софи почнале да се гледаат во 2015 година, а само неколку месеци подоцна решиле заедно да купат брод и да се преселат на него.
Во 2016 година успеале да си го остварат сонот и си купиле брод по цена од 95.000 долари. Оттогаш тие живеат на бродот и патуваат низ светот, а нивните авантури ги споделуваат на Инстаграм профилот што го следат над 22.000 следбеници.
Сепак, иако нивниот живот изгледа волшебно, и двајцата истакнуваат дека животот на море си носи свои предизвици за кои на почетокот не ни биле свесни.
„Имаме повеќе лоши отколку добри моменти, но добрите моменти се толку прекрасни, што навистина вреди“, вели Рајан за Insider.
За истиот веб-сајт, тие споделуваат кои се предностите, но и недостатоците од животот на брод:
Полесно се адаптираат на локалната култура кога посетуваат нова земја
Рајан вели дека со Софи им е многу полесно да се адаптираат на локалците и нивниот начин на живот кога патуваат со брод.
„Кога сте турист и патувате со авион, лесно е да се оддалечите од локалците. За нас, пак, ова е невозможно бидејќи кога ќе стигнеме на некое место, не одиме веднаш на туристичките места. Многу брзо се вклопуваме во локалната култура“.
Средбите и пријателствата со другите морнари се незаменливи
Парот вели дека пријателствата помеѓу луѓето кои водат ваков начин на живот се многу силни.
„Ќе го спуштите сидрото, ќе запознаете некого и уште истата вечер сте сигурни дека можете да се потпрете на него во опасна ситуација“.
Сепак, парот вели дека неретко се тажни бидејќи овие пријатели ги гледаат многу ретко – сите се постојано во движење и не знаат кога пак ќе им се вкрстат патиштата.
„Еднаш дојде еден човек на нашиот брод додека го славев роденденот и ми даде подарок. Следната недела се разделивме и можеби нема да го видам уште две години“, вели Рајан.
Ништо не ги заменува спектакуларните пејзажи
Зајдисонцето има посебна магија покрај море, а Рајан и Софи можат да сведочат на оваа глетка секој ден.
А, ова е само мал дел од убавините што имаат можност да ги видат.
„Се сеќавам, еднаш морето беше мирно. Немаше ветер. Водата изгледаше како масло, а боите на зајдисонцето се рефлектираа од неа, па изгледаше како слика со црвена, портокалова и виолетова боја.
Одеднаш, од водата почнаа да скокаат делфини. Потоа се појавија биолуминисцентни планктони. Беше невозможно глетката да се долови со камера, но се чувствував како да сум во филмот Avatar“, открива Софи.
Брзо се забораваат лошите мигови
Иако Рајан и Софи велат дека почесто се соочуваат со проблеми отколку со уживање, нивното расположение брзо се подобрува дури и во најлошите ситуации.
„Еднаш се соочивме со големи бранови. Имавме камера со микрофон кој чинеше 400 долари. Поради ветрот, микрофонот одлета од бродот. Но, пет минути подоцна огромен кит скокна од водата“, раскажува Рајан велејќи дека во еден миг биле нервозни, но веднаш потоа се чувствувале пресреќно што имале можност да го видат китот.