Ја држите вратата за друг да влезе и уште 6 работи што ги правите од учтивост, а не треба
Ако сакате да помогнете некому, но тој ви вели дека не му треба помош, не инсистирајте бидејќи најверојатно само ќе му пречите.
Ако сакате да им помагате на другите и настојувате да правите добри дела без да очекувате нешто за возврат, тоа дефинитивно е за пофалба.
Сепак, во некои ситуации нашата желба да бидеме учтиви може да биде проблем за другите.
Кои учтиви работи е подобро да не ги правите?
Му давате предност на друг автомобил кога вие имате предност
Јасно е дека со ова сакате да бидете учтиви и да направите добро дело, но сообраќајните правила постојат со причина.
Ако вие имате предност, но решите да му дадете предност на друг автомобил, може да настане забуна, а во зависност од патот, може да дојде и до сообраќајка.
Притоа, не заборавајте дека кога му давате предност на некој друг, нема да почекате само вие, туку и автомобилите зад вас.
Ја држите вратата за личност која е далеку
Држењето на вратата за некој друг е учтив гест, но немојте да го правите тоа ако личноста е премногу далеку.
Со ова ќе ја натерате личноста да оди побрзо, па дури и да трча, бидејќи ќе се чувствува непријатно ако ве остави да чекате долго.
Најдобро е да ја држите вратата за луѓе кои се речиси веднаш зад вас.
Застанувате со автомобилот на пешачки кога пешаците се многу далеку
Секогаш треба да возите побавно во близина на пешачки премин, особено на места каде што нема семафори. На овие места, пак, треба и да им дадете предност на пешаците.
Но, немојте да застанувате ако пешаците се неколку метри оддалечени од пешачкиот. Слично како со држењето на вратата, со ова само ќе ги натерате да почнат да трчаат кон преминот.
Коментирате за изгледот на телото на другите
Иако се добронамерни, избегнувајте ги коментарите како „Многу си ослабел/а“ или „Нема потреба да држиш диети, изгледаш одлично“.
Со првиот коментар, всушност ѝ кажувате на личноста дека порано била дебела и веројатно ќе ја повредите. Со вториот коментар давате непотребно мислење – слабеењето не е единствената причина зошто некој сака да се храни поздраво или да вежба.
Па, воздржете се од секакви коментари за изгледот на телото на другите.
Ја присилувате тивката личност да зборува
Некои луѓе сакаат да зборуваат, а некои преферираат да слушаат. Кога сте со повеќе луѓе и забележите дека некој не зборува многу, немојте да го прашувате зошто е тивок или што било слично.
Со ова само ќе го ставите во неповолна положба – ќе мора да ви објаснува зошто по природа е молчалива личност. Како би се чувствувале вие ако некој ви рече зошто зборувате многу?
Едноставно, прифатете дека некои луѓе не се зборлести како и вие и почитувајте го тоа.
Пробувате да утешите некого со фразата „Не биди тажен“
Иако звучи како утеха, избегнувајте да ја користите оваа фраза кога некој е тажен.
Тагата е нормална емоција и ако сакате да помогнете, само покажете сочувство и понудете ја вашата поддршка.
Инсистирате да помогнете дури и кога ви рекле „Не“
Навистина е одлично што сакате да им помагате на другите, но кога некој ќе ви каже дека не му треба помош, не инсистирајте.
Ако не му треба помош, најверојатно само ќе му пречите.
Спирова С. | Црнобело