Како изгледаат „тајните“ кабини за спиење на пилотите и стјуардесите во патничките авиони? (фото)
Некои авионски летови траат со часови, а бидејќи стјуардесите и пилотите мораат секогаш да бидат одморени и во добра форма, во комерцијалните авиони има специјални кабини само за оваа намена.
Најчесто овие кабини се сместени над кабината за патници и се многу, многу мали – во нив има простор само за спиење и ништо друго.
Ако не сте пилот или стјуардеса, тешко дека некогаш ќе имате можност да ѕирнете во овие кабини, па сигурно ќе ви се допадне оваа фото-тура.
За Insider, Томас Палини сподели неколку фотки од кабините на стјуардесите што ги направил за време на тура низ авионот познат како Airbus A350-900 XWB.
Како изгледаат кабините на пилотите и стјуардесите?
Влезот за кабините на стјуардесите најчесто е сместен на крајот од кабината за економска класа, а самите простории се наоѓаат над кабината за патници.
Просториите се многу мали, немаат прозорци и има место за шест кревети. Во еден дел има и мало шкафче со закачалки каде што стјуардесите можат да си ја остават униформата. Местата за спиење имаат и завеси за приватност.
На секој кревет има перница и ќебе заврзани со безбедносен појас. Кога има турбуленции, стјуардесите што се во кабините мораат да се заврзат со безбедносниот појас, исто како и патниците.
Томас нагласува дека авиокомпаниите сакаат стјуардесите да ги користат кабините само за одмор, па внатре нема ништо за разонода, како екран, бидејќи тоа може да им го наруши сонот.
Во кабините има и телефон што се користи за комуникација со другите стјуардеси и пилотите.
Нормално, авионите имаат и кабини за пилотите, кои не се многу поразлични од оние на стјуардесите освен што се малку пошироки.
На многу долги летови, како Сингапур - САД кој трае над 18 часа, одморот за пилотите и стјуардесите е задолжителен. Дел од нив работат неколку часа додека другите спијат, па обратно.
Спирова С. | Црнобело