15 проблеми на „возрасните“ за кои не бевме подготвени
Од навидум ситни работи како болките во грбот поради спиење во лоша положба, па сè до стареењето на родителите и честото збогување со најблиските – никој од нас не бил подготвен за повеќето проблеми од светот на возрасните.
Речиси ништо не може да нè подготви за „возрасниот“ живот. Можеби во тинејџерските години сте направиле сè за да ги постигнете замислените цели, но кога ќе влезете во светот на возрасните, сфаќате дека нештата функционираат многу поразлично.
Сфаќате дека не сте ни помислиле на проблемите и промените кои веќе ви станале секојдневие.
Сите сме размислувале за оваа тема, а на Редит има и цела дискусија за токму ова.
Еден корисник го поставил прашањето „Кој е ’возрасниот‘ проблем за кој не бевте подготвени?“, а сигурни сме дека ќе се пронајдете во скоро сите одговори.
Во продолжение дел од најдобрите изјави на корисниците:
„Стареењето на родителите“.
„Губењето на саканите. Најтешко е кога ќе почине некоја сакана личност. Потоа следи уништувањето на врските со семејството и пријателите. Потоа е тажното разделување кое се случува кога животот ќе те однесе на поразличен пат од оној на личноста со којашто си бил многу близок“.
„Колку често треба да чистам за да имам чист дом“.
„Луѓето се потпираат на вас. И вашите родители, и вашите деца. Одговорни сте за многу луѓе, а некогаш ова премногу тежи“.
„Треба да се справувате со родителите кои некогаш ќе се однесуваат како деца“.
„Болки во грбот поради спиење во лоша положба“.
„Колку всушност е мрачен животот. Зарем ова е сè што ќе правиме – ќе се трошиме на работно место за кое се обидуваме да се грижиме, а за кое не се грижи никој друг, за едвај да можеме да платиме сметки и долгови. Постојани проблеми со врски и трауми… Јас во младоста не сонував за овој живот“.
„Справување со потиснатата траума од детството“.
„Работното место ми го уништува менталното здравје, но морам да работам за да ги платам сметките. Ако работам помалку часови за подобра рамнотежа, ќе го изгубам осигурувањето среде пандемија“.
„Вљубувањето на постари години, за само да гледам како животот ми поминува пребрзо. Колку сакам да ја запознаев пред 30 години“.
„Подготовка за пензионирање. Се разбира, сите знаеме дека ќе престанеме да работиме на некоја возраст, но сега кога наполнив 40 почнав многу да размислувам за ова.
Дали ќе продолжам со лошите навики кои ми влијаат врз здравјето или конечно ќе водам поздрав живот? Дали ќе имам доволно пари да се пензионирам и да имам квалитетен живот?
Овие работи им изгледаа толку далечни пред 10 години. Сега ми се чини дека трчам кон следната фаза од мојот живот“.
„Возрасните всушност никогаш не пораснуваат“.
„Ја изгубив сопругата по 35 години заеднички живот. Нема начин да се подготвите ниту начин да ја опишам оваа загуба“.
„Забрзаното минување на времето. Кога имате внуци ова станува поочигледно. Нивната возраст не ми одговара со годините што мислам дека поминале“.
„Сфаќањето дека некои пријатели се ужасни и повеќе не треба да ви бидат пријатели“.
Спирова С. | Црнобело / Фото: depositphotos