Работи на кои мора да обрнете внимание пред да купите или изнајмите нов дом
Кога сакате да изнајмите или купите дом, морате да обрнете внимание на сите ситници за да ги избегнете проблемите во иднина.
Ако навидум домот изгледа одлично, може да биде лесно да испуштите некои работи кои подоцна ќе се покажат како голем проблем.
Очигледно, сите кои ќе живеат во домот, треба да го видат пред да одлучите дека ќе го купите или изнајмите.
Ако, на пример, планирате да живеете со партнерот, пријатели или родители, важно е и тие да го разгледаат местото бидејќи секој си има разни потреби и желби.
На кои нешта морате да обрнете внимание?
Светло
Добро осветлениот дом е секогаш подобар отколку стан или куќа во кои има малку природна светлина.
Кога во домот ќе влегува доволно природна светлина во текот на денот, нема да мора да користите светилки додека не падне ноќ.
Истовремено, ќе се чувствувате многу подобро во светол отколку во мрачен дом. Сепак, одлуката е индивидуална, но добро е да размислите на ова.
Изолација
Добро проверете ја изолацијата на прозорците и вратите. Ова е особено важно ако го изнајмувате домот, бидејќи најверојатно нема да сакате да менувате прозорци во куќа или стан што не се ваши.
Добрата изолација значи дека во зима домот ќе биде топол и нема да имате повисоки сметки за струја.
Звучна изолација и врева
Ако сакате мир и тишина, проверете дали домот има добра звучна изолација, посебно ако се наоѓа на прометно место со многу врева.
Ако гледате стан, проверете и дали е добра звучната изолација помеѓу становите ако не сакате да ги слушате соседите.
Обрнете внимание и кога го разгледувате домот - можеби попладне ќе биде тивко, за навечер да почнете да ја слушате гласната музика на соседите.
Водовод
Проверете ги сите чешми во домот – дали имаат добар притисок, дали можеби капат од некаде, дали одводот е затнат…
Ова се работи што можат да предизвикаат сериозни проблеми, па осигурете се дека сè е во ред со водоводот.
Влага
Разгледајте дали има влага во бањата, покрај прозорци, дури и во шкафчињата во кујната. И влагата може да биде сериозен проблем во домот поради кој ќе треба да дадете многу пари за мајстори.
Трошоци
Не заборавајте да прашате отприлика колкави се сметките во домот и во влезот за одржување. Треба однапред да знаете колку пари ќе морате да одвојувате за овие трошоци.
Греење и ладење
Ако домот има централно греење, осигурете се дека сите радијатори се во ред и, секако, не заборавајте да прашате колкави се сметките.
Ако во домот има само клима-уред, проверете дали работи како што треба и не заборавајте да прашате каков е и колку троши.
Соседство
Многу е важно и каде се наоѓа домот, па разгледајте дали во близина ги имате нештата што ви се најважни како аптека, супермаркет, автобуска постојка…
Миленици
Ако изнајмувате стан и планирате да вдомите миленик, не заборавајте да прашате дали сопствениците го дозволуваат тоа.
Бидејќи милениците можат да направат штета во домот, некои луѓе не издаваат станови и куќи на лица со миленици, па не заборавајте да го спомнете ова.
Договор за изнајмување
Ако го изнајмувате домот, не заборавајте да направите договор со сопственикот, кој внимателно ќе го прочитате.
Важно е однапред да се договорите кој ќе плаќа ако треба да се санира некоја штета која можеби не настанала поради вас, кога ќе ја плаќате киријата, дали треба да оставете депозит и дали ќе ви биде вратен, кој ги плаќа сметките и слично…
Известете го сопственикот за проблемите во домот
Ако во домот што ќе го изнајмите има ситни проблеми кои се занемарливи но сепак треба да се средат, не заборавајте да му го нагласите тоа на сопственикот уште пред да се вселите.
Добро би било и да направите фотографии од целиот дом пред да се вселите за да имате доказ каква била неговата состојба во случај да ве обвинат дека вие сте скршиле/расипале нешто.
Спирова С. | Црнобело