„Тетоважите се само за морнари и криминалци“ – застарени верувања на постарите генерации што им пречат на младите
Мора да останете во лош брак бидејќи разводот е лошо нешто, менталното здравје е табу тема, а ако сакате работа, само одете кај директорот на компанијата и сигурно веднаш ќе ве прими.
Светот во којшто живееме денес е целосно поразличен од светот во којшто пораснале нашите родители или баби и дедовци. Се промени начинот на живот, се променија нашите вредности и желби, се променија нашите потреби…
Но некогаш на постарите генерации им е тешко да бидат во тек, па сакаат да си се држат до верувањата и вредностите со коишто биле пораснати. Нормално, нема ништо лошо во тоа, но одвреме-навреме некои од овие верувања можат да предизвикаат и конфликт со помладите членови од нивните семејства.
Всушност, доста често настанува судир помеѓу постарите и помладите генерации поради застарените верувања, па корисник на Редит направил форум на оваа тема.
Тој го поставил прашањето „Кое е најзастареното верување од постарите генерации“, а за неполна недела добил илјадници одговори.
Во продолжение погледнете дел од нив:
„Баба мисли дека жените не треба да пијат од шише. Таа смета дека кога станува збор за пиво или сок во стаклено шише, мора да го ставите во чаша. Нагласувам, според неа ова правило важи само за жени“.
„Татко ми секогаш е гневен кога ќе слушне за жена која отишла на патување без сопругот. За него е незамисливо патување само со пријателки“.
„Постарите членови на моето семејство се убедени дека децата и младите личности немаат реални чувства. Според нив, ако сте под 25 години, никогаш не знаете за што зборувате, па треба да замолчите и да ги оставите возрасните да зборуваат“.
„Мислат дека до 30-тиот роденден мора да имате куќа, два автомобили и да бидете во брак со две деца“.
„Веруваат дека сите кои одат на факултет се многу паметни, а професиите кои не бараат факултет се за луѓе без привилегии“.
„Печатат буквално сè! Зошто? Тоа е само непотребно трошење пари и хартија“.
„Сметаат дека мора да останете и во лош брак, бидејќи разводот е погрешен“.
„Мислам дека постарите генерации уште не можат да ги прифатат тетоважите. Кај мене мислат дека тетоважите се само за морнари и затвореници“.
„Кога ќе ми речат: 'Оди кај директорот на фирмата и прашај дали имаат некое работно место. Ќе биде импресиониран од твојата упорност и сигурно ќе те вработи‘. Не, денес светот не функционира така“.
„Го мразам нивниот став кон менталното здравје – ’Сè е во твојата глава‘. НЕ!“
„Мислат дека не смеете да живеете со партнер ако не сте во брак“.
„Веруваат дека онлајн пријателите не се ’вистински“’ пријатели“.
„Некои уште мислат дека мажот треба да побара дозвола од таткото на девојката за да ја побара за жена“.
Дали вие сте се нашле среде конфликт поради некое застарено верување?
Спирова С. | Црнобело