Стриптизерот Рики од словенечката група Total Knockout: „Одбиваме понуди за секс, танцувавме за 85-годишна жена“
Рики од Словенија е стриптизер и најчесто настапува на момински забави, неговата кариера трае веќе 15 години, но во приватниот живот е сосема поразлична личност – има девојка на која воопшто не ѝ пречи неговата професија и најмногу сака да патува со неа.
Словенецот Рики 15 години работи како стриптизер, а вели дека неговата кариера почнала на шега. Во студентските денови имал неколку настапи, но набрзо сфатил дека со ова може да заработи многу пари.
Тогаш одлучил да најде уште неколку танчари, па ја основале групата стриптизери позната како Total Knockout.
„Најчесто настапуваме на прослави за 18-ти роденден, но еднаш имавме прилика да танцуваме на забава организирана за 85-годишна жена“, открива Рики за хрватскиот медиум 24sata.
Танчарот вели дека настапуваат само за девојки, а генерално нивниот настап е како изненадување за девојката што ја прави забавата. Овие настапи обично траат околу половина час и вклучуваат „стриптиз без вулгарности“. Најчесто нивното шоу е придружено и со магионичарски и трикови со оган.
За хрватскиот медиум, Рики открива дека имаат неколку костими за настапување. Наводно, девојките најчесто бараат да се преправат како полицајци, но имаат и костими за пожарникари, доктори, каубои и вампири. Со секој костим, имаат и различна кореографија.
„Обично славеничките не се во центарот на вниманието, бидејќи не сакаме да им биде непријатно. Кога ќе нè видат девојките, обично многу викаат и лудуваат. Некои се посрамежливи, но се опуштаат за време на настапот“.
Младиот танчар вели дека неретко добиваат и понуди за секс кои, нормално, ги одбиваат бидејќи се професионалци. Но, овие понуди им биле доказ дека завршиле одлична работа со настапот.
Од почетокот на пандемијата, Рики и неговата група речиси и да не настапуваат, но претходно имале многу ангажмани во клубови. Најчесто овие настапи траеле по три, па и повеќе часови. Сепак, бидејќи пандемијата стивнува, Рики вели дека и тие почнуваат да се ангажираат повеќе.
„Се гледа дека пандемијата влијаеше врз сите нас и едвај чекавме барем малку да се опуштиме. Сега настапуваме следејќи ги сите мерки за заштита. Секогаш носиме маски и постојано се тестираме“.
Во интервјуто за 24sata, Рики одбива да открие колку заработуваат, но нагласува дека добиваат солидни суми, а сега се обидуваат и да ја прошират нивната група.
Ако, пак, некој сака да стане дел од Total Knockout, треба да исполнува неколку услови.
„Нам ни е важно момците да се опуштени и да имаат затегнато тело, но да не се бодибилдери. Треба да имаат и убаво лице, како и талент за танцување“.
Кога не настапуваат, Рики и неговите танчари редовно ги вежбаат кореографиите, а за да изгледаат што е можно подобро, неретко посетуваат и салони за убавина, за депилација и други третмани.
И покрај својата професија, во приватниот живот Рики е како и секое обично момче. Има девојка за која вели дека не е љубоморна на неговата професија, бидејќи знае дека тој е професионалец. Омилените хобија му се патувањето и читањето.
Рики има и планови за во иднина:
„Се гледам како менаџер на групата Total Knockout, која ќе ги забавува жените и девојките на подрачјето на поранешна Југославија и Европа“.
За хрватскиот медиум, Рики вели дека се надева дека неговата приказна ќе инспирира и други мажи да ѝ дадат шанса на оваа професија.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114851_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_110170_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113376_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_115064_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_112333_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114328_400.jpg)