Зошто не реагираме и не се смееме кога се скокоткаме сами?
Некои луѓе можат да издржат кога ги скокоткате, а некои „скокаат“ дури и само ако ги допрете. Сепак, ниту еден човек не реагира кога се скокотка сам. Па, која е причината за тоа?
Можеби се сеќавате на миговите во детството кога некој од родителите ќе почне да ве скокотка, за вие да „зајдете“ од смеење.
Најверојатно, уште тогаш сте пробувале и сами да се скокоткате, па сигурно не ви било јасно зошто тогаш не сте реагирале исто и не ви било смешно.
Што е всушност скокоткањето и зошто нè тера да се смееме?
Органот кој е одговорен за нашата реакција на скокоткањето е, нормално, мозокот. Кога некој или нешто ќе ја допре нашата кожа, нервните завршетоци кои се наоѓаат на нејзината површина испраќаат сигнали до мозокот, односно до делот одговорен за реагирање со физички импулси – како смеење или контракција.
Според некои претпоставки, реакцијата на скокоткањето е еден вид одбранбен механизам кој сме го наследиле од нашите предци. Бидејќи скоро сите луѓе чувствуваат скокоткање на нежни и ранливи места од телото, како стомак и пазуви, оваа претпоставка звучи логично.
Кога мозокот ќе сфати дека некој допира ранлив дел од телото, реагира со смеење – нешто што може да ја намали тензијата и да покаже потчинетост, а со тоа и да се избегне опасноста.
Истражувањата покажале дека скокоткањето ги активира и рецепторите за допир, и оние за болка. Поради ова, некои експерти сметаат дека кога некој нè скокотка, не се смееме бидејќи ни е забавно, туку бидејќи имаме силна емотивна реакција, притоа нагласувајќи дека во овие моменти луѓето го грчат телото исто како кога би чувствувале болка.
Зошто не можеме да се скокоткаме сами?
Наједноставниот одговор на ова прашање е – затоа што мозокот ги знае нашите движења.
Според експертите, кога ќе пробате сами да се скокоткате, мозокот веќе знае дека скокоткањето што ќе го почувствува не е предизвикано од некој друг и, на некој начин, не претставува опасност, па воопшто не реагира.
Можете ли да го излажете мозокот?
Штом научниците сфатија дека мозокот добро ги знае нашите движења, почнаа да прават истражувања за тоа дали можеме да го измамиме. Односно, дали постои начин да се скокоткаме сами и да ја добиеме истата реакција како да нè скокотка некој друг.
За оваа цел било направено истражување, во кое испитаниците се скокоткале сами, но со помош на ментална илузија верувале дека се во друго тело.
За да се постигне оваа илузија, научниците ја манипулираат визуелната перцепција на испитаниците, им испраќаат визуелни сигнали од друго тело и слично.
Резултатите покажале дека ова не променува буквално ништо. Мозокот на испитаниците знаел дека тие самите се скокоткаат, без разлика на илузијата.
Но, постојат и исклучоци
Истражувањата покажале дека некои луѓе со шизофренија или слични симптоми и состојби, можат да се скокоткаат самите, а да реагираат како тоа да го прави некој друг. Во повеќето случаи од истражувањето, испитаниците имале халуцинации и чувство дека ги скокотка некој друг.
И некои животни чувствуваат скокоткање
Оваа реакција не се појавува само кај луѓето, туку и кај стаорците и мајмуните.
Истражување покажало дека кај стаорците се одвива сличен процес кога ги скокоткаат, но и дека се „смеат“, односно испуштаат звук. Сепак, овој звук е на фреквенција која ние луѓето не можеме да ја слушнеме.
Скокоткањето кај мајмуните не е добро истражено, но според неколку студии малите орангутани, горили и шимпанза реагираат слично како бебиња кога ги скокоткаат.
Според авторите на истражувањето, ова можеби е доказ дека скокоткањето, заедно со други особини, сме го наследиле од дамнешните предци.
Спирова С. | Црнобело