Везув во Италија и уште 7 најопасни вулкани во светот
Меѓународната асоцијација за вулканологија има направено листа со активни вулкани, кои ги нарекуваат декадни вулкани и за кои сметаат дека треба постојано да се следат, најмногу поради опасноста што ја претставуваат.
Проектот започнал во 1990-тите, како дел од програмата на ОН за намалување на природните катастрофи.
Според асоцијацијата, декадни вулкани се оние кои вреди да се следат и проучуваат, најмногу поради нивните катастрофални ерупции во минатото, но и заканата што ја претставуваат поради нивната близина до населени места.
Од почетокот на проектот до денес, Асоцијацијата прогласи 16 вулкани за декадни, а во продолжение можете да дознаете нешто повеќе за дел од нив:
Таал, Филипини
Со 34 регистрирани ерупции, Таал е еден од најактивните вулкани на Филипините. Вулканот се наоѓа на околу 50 километра јужно од Манила, а последен пат еруптираше во јануари минатата година. Поради последната ерупција, животот го изгубија 39 луѓе, од кои наводно повеќето не ги напуштиле домовите кога почнала евакуацијата.
Една од најопасните ерупции се случила во 1911-та година, кога загинале 1.334 луѓе. Според пресметките, во поново време од вулканот имаат загинато околу 6.000 луѓе.
Колима, Мексико
Од 1576-та до денес, Колима има еруптирано над 40 пати, а една од најголемите ерупции била во јануари 1913-та.
Поради закана од неговата активност, во последниве неколку години се направени неколку евакуации на населението, а во негова близина е поставена и камера која го следи во реално време.
По ерупцијата во 2014-та, се чини дека вулканот е постојано активен и скоро секоја година има ерупции.
Етна, Италија
Етна е најголемиот активен вулкан во Европа и е одговорен за смртта на илјадници луѓе. Според записите, некои од најголемите ерупции во минатото се случиле во 475 и 369 година п.н.е. Во 1669-та, пак, од вулканот се излеале милиони тони лава, уништувајќи огромни површини.
Последната ерупција на вулканот се случи годинава.
Мауна Лоа, Хаваи
Мауна Лоа се смета за најголемиот вулкан на Земјата, а последен пат еруптираше во 1984-та година. Една од најдеструктивните ерупции во поново време се случила во 1950-та, кога лавата која се излевала со него се движела со брзина од околу 8 километри на час, уништувајќи многу домови.