39-годишна мајка изработува уникатни кукли за дечињата со попреченост да не се чувствуваат различно (фото)
Една мајка од Англија почнала да изработува кукли кои ќе им помогнат на децата со попреченост да не се чувствуваат различно и да бидат полесно прифатени.
Дечињата кои растат со некаква попреченост иако треба да бидат прифатени како сите останати, сепак неретко се чувствуваат различно, па дури и отфрлено од другите, за жал.
Ова го сфатила и Клер Тавел, па решила да им покаже на овие дечиња дека се прифатени и нема потреба да се чувствуваат отфрлено.
За таа цел, 39-годишната Клер почнала да прави кукли кои „имаат“ некакви здравствени проблеми и изгледаат исто како дечињата што си играат со нив.
Клер има две деца, од кои 4-годишната Матилда е глува. Клер забележала дека Матилда сака да си игра со кукли, но била тажна бидејќи никогаш не наоѓала кукла која го има нејзиниот проблем и носи апаратче за слушање.
Пред околу 3 години, Клер почнала да работи на овој проблем и да прави кукли со слушни апаратчиња, кукли со „зајачка уста“ и кукли со различни попречености, во кои ќе се пронајдат голем број дечиња и ќе пронајдат некој вид на поддршка.
„Уште живееме во свет каде што е важно ’да се биде нормален‘. Па, ако се разликувате малку поради некоја болест или нарушување, често ќе се чувствувате како абнормална личност.
Кога станува збор за деца, ова може да има многу негативно влијание врз нивната самодоверба. Кога тие влегуваат во продавница и гледаат само ’нормални‘ кукли, почнуваат да се чувствуваат уште поотфрлено, како да не припаѓаат тука. Јас сакам да го променам тоа“, вели Клер за нејзиниот проект.
Куклите на Клер станале многу популарни, па не ги купуваат само родители за нивните деца – неретко таа има нарачки од болници и училишта кои сакаат да им помогнат на децата да се чувствуваат прифатено.
Она што го прави проектот на Клер уште поневеројатен е фактот дека таа нема никаков профит. Со цената на куклите таа само ги покрива трошоците за нивната изработка и не заработува ни денар.
„Би сакала во иднина децата да можат да влезат во продавница и да видат кукли со апаратчиња за слушање и зајачки усти наредени веднаш до обичните кукли, бидејќи тогаш нивниот изглед ќе стане норма. Кога луѓето ќе ги гледаат овие кукли, ќе се зголеми и нивната свест и разбирање за овие разлики“, изјавува Клер.