Иста игла за сите, забрането за трудници: Најпопуларните митови за тетоважите - што е вистина, а што не?
Тетоважите се одличен начин да го украсите вашето тело и иако стануваат сè попопуларни, за нив кружат бројни митови, од кои повеќето се само лага.
Лажните митови за тетоважите можеби нема да бидат причина за некој сериозен проблем, но ако им поверувате, можат да ве одвратат од намерата да си направите тетоважа.
Дел од митовите, пак, сепак се вистинити и би требало да ги земете предвид пред да се одлучите да се тетовирате.
Погледнете кои се најчестите митови за тетоважите и дознајте кои од нив се вистина, а кои само лага:
Не можете да дарувате крв ако имате тетоважа
Штом ги исполнувате условите за дарување крв, не е важно дали имате тетоважа.
Сепак, ако вашата тетоважа е релативно нова, на пример, од пред само неколку месеци, можно е да не ви дозволат да дарувате крв.
Причината е тоа што ако тетоважата не е изработена кај професионалец и со чиста игла, постои ризик во вашата крв да има некаков вирус, како хепатит.
Не треба да се тетовирате ако сте бремени
Речиси и да не постојат докази дека тетовирањето може да им наштети на бремените жени или нивното неродено дете. Ако не одите кај професионалец, секогаш постои ризик од зараза, без разлика дали сте бремени или не. Па, во овој случај важно е да изберете проверен тату-артист.
Сепак, ако се одлучите да се тетовирате во текот на бременоста, задолжително прво консултирајте се со вашиот лекар - некои лекари сметаат дека бремените жени не би требало да ставаат тетоважи на грбот, во случај да треба да примат епидурална инјекција кога ќе се породуваат.
Луѓето со дијабетес не можат да се тетовираат
Ако вашиот дијабетес е под контрола и редовно примате терапија, тогаш тетовирањето не би требало да претставува проблем.
Меѓутоа, за дијабетичарите е препорачливо да избегнуваат да ставаат тетоважа на неколку делови од телото каде што циркулацијата на крв е послаба, како задник и глуждови, или местото каде што си ги ставаат инјекциите со инсулин.
Ако вашиот дијабетес не е под контрола, немојте да се тетовирате, бидејќи високото ниво на шеќер во крвта може да го забави зараснувањето на тетоважата.
Воглавно, тетовирањето е безбедно за дијабетичарите, но задолжително е да се консултирате со лекарот.
Интензитетот на болката зависи од местото на тетоважата
Овој мит е вистина – тетовирањето на некои делови од телото може да биде многу поболно, а на некои да не го ни почувствувате. Ова зависи и од вашата толеранција на болка.
Обично, најболно е тетовирањето на места каде што нема многу масни наслаги како, на пример, ’рбетот. Истовремено, поболни се и тетоважите на места каде што има многу нервни завршетоци, како пазуви, врат, гради…
Луѓето со тетоважи не можат да одат на магнетна резонанца
Овој мит е лага, а најверојатно се појавиле поради металите кои се наоѓаат во боите за тетоважи. Овој мит стана толку популарен, што беше и тестиран на Институтот Макс Планк во Германија.
Научниците дошле до заклучок дека иако е можно да се појават несакани ефекти, тие се толку мали, што не се ни забележуваат. Сепак, консултација со стручно лице е најдобра пред каков било потег.
Белите тетоважи се поболни од оние во боја
Веќе напоменавме дека интензитетот на болката зависи од местото, а не од бојата на тетоважата.
Обично тату-артистите ја средуваат тетоважата со бела боја, и тоа на крајот. А, бидејќи на крајот кожата е веќе почувствителна од тетовирањето, веројатно поради тоа некои луѓе сметат дека белата боја предизвикува повеќе болка.