Нарачано убиство или несреќа - 23 години од смртта на Дијана, „принцезата на народот“
Една од најпознатите теории на заговор е дека Дијана била убиена бидејќи носела дете од тогашниот партнер – Доди. Наводно, принцезата планирала и веридба штом ќе се финализира разводот со Чарлс. На кралското семејство не му се допаѓало ова, па според теоријата, Елизабета наредила да ја „отстранат“ Дијана. Уште повеќе им пречело тоа што Доди бил Египќанец.
Според друга теорија, возачот Хенри Пол намерно ја предизвикал несреќата, по наредба од MI6. Иако судот ги поби овие гласини, некои луѓе и до денес веруваат во нив.
Имено, полицијата дошла и до писмо потпишано од извесен „Војник Н“, во кое пишувало дека убиството на Дијана е порачано од кралицата. За ова нема никакви други докази. Истата теорија се разгори и кога почна да се зборува за дневникот на Дијана, во кој наводно напишала дека „ја бркаат и сакат да ја убијат“.
Кралското семејство се нема огласено за ова, а тогаш од полицијата изјавија дека ќе ги разгледаат доказите, но нема повторно да го отвораат случајот.
После анализата на автомобилот во кој загина Дијана, се утврдило дека пред несреќата, овој автомобил имал контакт со бел Fiat, кој оставил бели траги на него. Според таткото на Доди, овој Fiat бил намерно поставен за да се блокира патот на автомобилот на Дијана, но од белиот автомобил нема ни трага ни глас.
Во сведочење во 2003-та, Мухамед Фајед, таткото на Доди, истакнал дека во тунелот во кој се случила несреќата имало најмалку 10 безбедносни камери. Сомнително било тоа што во моментот на несреќата не работела ниту една. Ова го натера Мухамед, но и многу други, да веруваат дека камерите биле намерно исклучени
Принцезата на народот
И две децении по нејзината смрт, популарноста на Дијана не се намалува. Таа му покажа на народот дека и членовите на кралското семејство се само луѓе и го доближи кралскиот живот до јавноста подобро од кој било.
Дијана умешно ја користеше нејзината популарност за да ја зголеми свесноста за дел од најголемите проблеми во светот, а стана и првата јавна личност која прегрна ХИВ позитивен пациент на телевизија. Важно е да се спомене дека ова се случуваше во период кога ХИВ беше табу-тема.
Изгледа никогаш нема да дознаеме што точно се случило, ниту, пак, кој е вистинскиот виновник, но „принцезата на народот“ ќе се слави уште долго.
Спирова С. | Црнобело