Како грчки ресторан ги „спушта на земја“ инфлуенсерите кои сакаат да јадат бесплатно?
Знаете ли дека многу често фотките од ресторан кои ги ставаат инфлуенсерите на Инстаграм се всушност бесплатни односно компензација за реклама? Грчки ресторан нашол начин како да се справи со ова, а истовремено да направи добро дело.
Многу од самопрогласените инфлуенсери не се срамат да побараат бесплатно сместување во хотелите или бесплатна храна во рестораните во замена за една-две фотки што ќе ги објават оттаму на Инстаграм како реклама за локалот.
Додека на некои ресторани ова им одговара, има и такви кои не можат да се помират дека околу нив постојат луѓе кои немаат пари за леб, а некој добива обилен оброк во замена за една Инстаграм фотка – апсурдно.
Токму таков е овој грчки ресторан, кој на Reddit објави конверзација со инфлуенсер, во која открива кој е нивниот пристап со кој ги спушта овие луѓе на земја.
Всушност, од ресторанот им ја нудат на инфлуенсерите следната понуда – тие сами да си платат за оброкот, но откако ќе ги услужи, ресторанот донира храна во иста вредност за луѓе на кои им е потребна.
Потоа двете страни може да се оначат на социјалните мрежи и да прослават за доброто дело кое го направиле. За жал, ретко кој од самопрогласените инфлуенсери се согласува на ова.
„Моето семејство има ресторан на грчки остров и редовно добиваме пораки од типот Јас сум инфлуенсер, може ли да јадам кај вас бесплатно во замена за објавена фотка на мојот Инстаграм од вашиот ресторан?“ – вака започнува објавата на Reddit, а во продолжение се објавени фото докази од конверзацијата.
Во разговорот, инфлуенсер со скриено име им пишува на Инстаграм дека слушнал за ресторанот од пријател кој го препорачал како еден од ретките кој служи вегански, грчки јадења.
„Неодамна слушнав за вашиот ресторан кој служи одлични грчки јадења во веганска опција. Сакам да дојдам во вашиот ресторан со пријател, а за услугата ќе ви возвратам со објава на социјални мрежи. Ретко се наоѓаат вакви ресторани во Грција со вегетаријански и вегански опции, па сакам да го споделам тоа со мојата публика.“
фото: Twitter
Пораката која ресторанот им ја испраќа на овие луѓе веќе 3 години како политика на компанијата е следна:
„Драго ни е што го избравте нашиот ресторан и сигурни сме дека ќе ви понудиме незаборавен оброк. Во последниве неколку години нашата политика со фуд блогери и инфлуенсери е со доза на социјална одговорност.
За секој оброк што ќе го продадеме на инфлуенсер што ќе го објави истиот на Инстаграм, ние донираме оброк со иста вредност на некој на кого му е неопходен.
На тој начин стекнуваме публицитет од вашата објава, а вие си го подобрувате имиџот така што ќе дадете нешто за општеството. Секогаш ги објавуваме инфлуенсерите што ќе ја прифатат оваа иницијатива и најчесто добиваме стотици позитивни коментари. Кажете ни кое е вашето мислење за ова.“
За жал, во продолжение на објавата, од ресторанот велат дека никој никогаш не ја прифатил оваа понуда. Тоа значи дека никој не прифатил да си плати за храната, а со тоа да донира оброк за некој бездоник. Најчесто инфлуенсерите воопшто не им ни враќаат на пораката.
Жално е што сакаат да добијат сѐ на тацна и бесплатно, а кога треба да направат добро дело – ја губат човечноста.
Се надеваме дека кај нас има такви кои би прифатиле!
М. М. | Црнобело