Стив Џобс добил отказ од неговата компанија – неуспешните приказни на најуспешните луѓе во светот
Стив Џобс
Замислете си да ви дадат отказ од вашата компанија.
Во 1985-та, Стив Џобс не добил класичен отказ, но бил присилен да ја напушти Apple, компанијата што ја изгради тој.
Ова не го обесхрабрило, па Џобс помогнал да се основа компанијата Pixar, која го направи првиот 3Д анимиран цртан – Toy Story. А, за успехот на Pixar нема потреба да се зборува.
Во 1997-ма тој конечно успеа да се врати во Apple, а за само 12 години ја зголеми вредноста на компанијата за 150 милијарди долари.
Џек Ма
Основачот на кинескиот гигант Alibaba има цела листа со неуспеси.
Џек Ма трипати не бил примен на факултет. Се обидел да се запише и на Харвард, но бил одбиен дури 10 пати. Истовремено, му биле одбиени над 30 апликации за разни работни места.
Да не се случело сето ова, тој веројатно никогаш не би ја основал Alibaba и немаше да стане еден од најбогатите луѓе во светот.
Стивен Кинг
Познатиот автор има издадено 60-тина романи и над 200 кратки раскази, но не бил волку успешен отсекогаш.
Кога бил мал, Стивен пишувал кратки раскази и ги праќал во разни весници со надеж дека ќе бидат објавени. Кога првпат му пратиле писмо за да му кажат дека му го одбиле расказот, тој го закачил писмото на ѕидот. Го правел истото секојпат кога бил одбиван и собрал толку многу писма, што шајката со која биле закачени повеќе не можела да ги држи.
„Ја заменив шајката со поголема и продолжив да пишувам“, изјави писателот.
Со години тој едвај сврзувал крај со крај, а во 1973-та се нашол во многу тешка положба - не можел да си го поправи автомобилот, а немал пари ни за лекови за неговите деца. Стивен никогаш не престанал да пишува и тој период почнал да работи на романот Carrie, кој засекогаш му го промени животот.
Џ. К. Роулинг
Пред да стане најплатениот автор во светот, Роулинг била самохрана мајка која живеела од социјална помош.
Како што има изјавено самата, имала само машина за пишување и одлична идеја. Но, кога ја напишала првата книга од серијалот за Хари Потер, била одбиена од 10-тина издавачки куќи.
За среќа, Роулинг не се откажала, па сега Хари Потер е најпродаваниот серијал во историјата на човештвото.
Спирова С. | Црнобело