Каква боја имаат огледалата? - Одговори на прашања кои сигурно сте си ги поставиле
Она што ги тера луѓето да научат нешто е нивната љубопитност. А, прашањата што ги поставуваме поради љубопитност ѝ годат на нашата креативност, а се добри и за развојот на мозокот.
Затоа, потрудете се да поставувате што повеќе прашања, за која било област што ви се чини интересна.
Во продолжение, пак, можете да ги погледнете одговорите на неколку прашања, што сигурно сте си ги поставиле барем еднаш:
Зошто пластичните шишиња за сок имаат дно со големи испакнатини, а шишињата за вода немаат?
Сигурно сте забележале дека пластичните шишиња за сок речиси секогаш имаат испакнатини на дното. Од друга страна, пластичните шишиња за вода речиси секогаш имаат рамно дно.
Испакнатите всушност ја зголемуваат издржливоста на шишињата за сок. Ова е потребно бидејќи шишето мора да го издржи притисокот од гасот во сокот. Истовремено, обично овие пијачки се служат ладни, а кога течноста се лади, нејзиниот волумен се менува. Па, шишето мора да го издржи и тоа.
Зошто мувите никогаш не можат да го пронајдат отворениот прозорец?
Причината за ова е видот на мувите - нивните очи можат да разликуваат темно од светло, па тие бараат извор на светлина. На овој начин мувите можат да лоцираат прозорец, но бидејќи не се интелигентни, кога ќе надлетаат на стакло не сфаќаат дека тоа е преграда, па упорно се обидуваат да излезат низ него.
Зошто мразот е лизгав?
Наводно, научниците долго време го немале точниот одговор за ова. Постојат неколку теории, но според истражувањето на двајца браќа научници, причината се „расфрланите“ молекули вода врз површината на мразот. Овие молекули вода не можат да се „закачат“ за молекулите на мразот, па предизвикуваат лизгање.
Најлесно ќе го сфатите ова ако си го замислите мразот како површина со многу џамлии или мали топчиња – ако стапнете на нив, ќе се лизнете и ќе паднете.
Зошто мачките предат?
Мачките се навистина мистериозни суштества, па научниците сè уште не знаат која е точната причина за нивното предење.
Мачките предат кога се чувствуваат убаво, но предењето било забележано и во многу други ситуации. Научниците забележале дека мачките им предат на своите малечки, на другите мачки, па дури и кога се исплашени и под стрес.
Некои истражувања покажале дека предењето на мачките има фреквенција која може да го поттикне заздравувањето од разни повреди и болести. Па, веројатно поради ова луѓето се чувствуваат пријатно кога до нив има мачка што преде.
Каква боја имаат огледалата?
По правило, предметите околу нас ја имаат онаа боја која не ја апсорбираат. На пример, јагодите се црвени бидејќи не ја апсорбираат, туку ја рефлектираат црвената боја.
Совршеното огледало би ги рефлектирало сите бои подеднакво, а според науката, белата светлина ги содржи сите бои, што значи огледалата се бели.
Но, во реалноста не постои совршено огледало, и се покажало дека огледалата ја рефлектираат зелената боја малку подобро од другите. Што значи, може да се каже дека нивната вистинска боја е зелена.