Гласање, контрацепција, панталони - Обични работи што им биле забранети на жените пред 100 години
Низ историјата, жените како отсекогаш да морале да се борат за дури и најосновните човечки права.
Пред само 100 години, жените не смееле да влегуваат во одредени објекти, не смееле сами да прават одредени работи и секојдневно се соочувале со полова дискриминација.
За среќа, денес ситуацијата е подобра, но не треба да заборавиме што сè им било забрането на жените.
Погледнете што не смееле да прават жените пред само 100 години:
Одење на шопинг без придружба
До средината на 19-тиот век, правилата за однесување налагале дека жените не смеат сами да одат по улица, да гледаат излози, да купуваат, па дури и да го носат испазареното.
Од жените се очекувало секогаш да бидат придружувани од маж кога го напуштаат домот. Наводно, улогата на мажите била да ги штитат, а жените немале пристап до многу објекти ако не се без придружба.
Носење панталони
Во минатото жените можеле да носат само здолништа.
Неприфатливо било да облечат панталони, а во некои држави ова било и нелегално.
Панталоните се сметале како знак за мажественост – нешто што не ѝ е потребно на една жена.
Гласање
Мажите биле убедени дека жените немале место во политиката, па одовде произлегла идејата и дека нема потреба да гласаат.
Наводно, женските мозоци биле инфериорни во однос на машките и жените не биле ментално подготвени да гласаат на избори.
Отворање сметка во банка и поседување кредитна картичка
Веројатно жените изгледале како ризична инвестиција за банките, па ако некоја сакала да си отвори сметка, морала да го направи тоа со татко ѝ или сопругот.
Жените не можеле да подигнуваат кредити, ниту да поседуваат кредитна картичка.
Одење во војска
Жените војници биле навистина ретка појава, а на некои места жените не смееле ни да помислат да ѝ се приклучат на војската.
Во двете светски војни, некои држави ги тргнале забраните поради недостаток од воени лица, па многу жени станале снајперисти и воени пилоти.