Новогодишни традиции во земјите низ светот кои се неочекувани за туристите
Ако успеете да „избегате“ од кифлички и руска салата за Нова година и посетите друга земја, таму ќе се соочите со други необични традиции – што ве очекува во земјите низ светот?
Секоја земја има свои традиции, а кога станува збор за Нова година, многу од обичаите може да ве изненадат ако сте на некое патување.
Иако некаде нема ништо невообичаено, покрај магичната атмосфера, на некои места може да се соочите со ситуации кои дури и ќе ве исплашат.
Какви се традициите за Нова година во дел од земјите?
Еквадор - Запалени кукли, жолта долна облека, пари под стапало
Ако кај нас се запишуваат желби, се пукаат огномети и се наздравува за подобра година, во Еквадор постојат специјални кукли за прославување на новата година.
Неколку часа пред полноќ, ќе видите кукли низ улиците на Кито, кои може да ве исплашат ако не ја знаете традицијата. Тие се исполнети со стари весници и слики од настаните во изминатите 12 месеци.
На тој начин, Еквадорците се збогуваат со старата година и буквално ги палат лошите спомени.
Не се чудете и ако по улиците видите како се продаваат жолти парчиња долна облека. Се смета дека Новата година треба да се прослави во жолта долна облека за среќа.
И очекувајте дека речиси секој од нив ќе има по некоја банкнота во чевелот под левото стапало...
Данска - Кршење чинии пред врата
Во Данска не се чудете ако слушнете кршење чинии пред врата – се работи за нормална традиција. Тие ги кршат садовите пред прагот со семејството и пријателите на Нова година.
Колку повеќе садови се искршат до 1-ви јануари – толку повеќе среќа и пријатели ќе имате во годината која доаѓа. Па, наместо огномет, очекувајте многу срчи...
Холандија - Палење на елка и новогодишно бањање
Во Холандија исто така има необична новогодишна традиција – на Нова година, сите ги носат елките на плоштад или во парк и ги горат, воодушевувајќи се на празничниот оган, а настанот е под надзор на пожарникари.
На утрото пак по Нова година, односно на 1-ви јануари, додека сите ние си ја раскажуваме вечерта и појадуваме од останатата храна, десетици илјади Холанѓани одат на плажа да се бањаат во Северното Море, со капи од Дедо Мраз.
Романија – Парада на мечки
Ако случајно се најдете во Романија за Нова година, бидете подготвени дека може да видите мечки како играат и шетаат по улиците на некои од селата.
Не се плашете, станува збор за луѓе преправени во мечки, кои играат цел ден, а со тоа симболизираат повторно раѓање на времето.