5 прашања од приемниот испит на Оксфорд – Можете ли да ги одговорите?
Управата на престижниот универзитет Оксфорд, одвреме-навреме со јавноста споделува прашања од приемните испити.
Директорката на одделението за креирање на приемните испити, Самина Кан, вели дека прашањата најчесто се состојат од академски разговор за насоката на која сакате да студирате.
На овој начин, многу подобро ќе покажете на кој начин ги анализирате и користите добиените информации.
Без разлика на досегашното образование и животните околности, со овие прашања кандидатите можат да покажат колку се заинтересирани, но и колку се всушност способни да студираат.
Па доколку планирате да аплицирате на Оксфорд, очекувајте вакви и слични прашања на приемниот испит:
Што ја прави една драма или роман „политичка/и“? (Модерни јазици, француски)
Наводно, ова прашање им се поставува на кандидатите за да се открие нивниот став, добиен врз основа на прочитаната литература.
Најчесто добрите кандидати покажувале желба и способност за подлабок разговор. Истовремено, добро е ако кандидатот си го промени мислењето во текот на разговорот – ова покажува дека може да размислува флексибилно и ја зема предвид и туѓата перспектива.
Замислете си скала која е потпрена на вертикален ѕид, со ногарките на подот. Средниот пресек на скалата е обоен со друга боја од бочните страни, така што можете да го видите пресекот и кога ја гледате скалата од страна. Кој облик ќе го направи средниот пресек, кога скалата ќе падне на подот? (Математика)
Ова прашање ја открива способноста за математичко размислување. Наводно, кандидатите треба да одредат кои се неважни информации и да се фокусираат само на она што е навистина важно.
Некои кандидати се обидувале да ја нацртаат скалата во секоја фаза од паѓањето. Но, со цртање без прибор, кандидатите не можат да бидат сигурни дека ќе го добијат вистинскиот резултат.
Ова е навистина забавно прашање бидејќи одговорот е најчесто поразличен од она што мислите. Причината е што луѓето премногу размислуваат за обликот на скалата додека паѓа и цртаат секакви геометриски цртежи.
Околу една четвртина од смртните случаи во Обединетото Кралство се поврзани со некаков вид рак. На Филипините, овој број е само една десетина. Кои фактори би можеле да влијаат врз оваа разлика? (Медицина)
Ова прашање нема точен одговор. Како и мнозинството од прашањата, и на ова целта му е да ја поттикне дебатата и да го стимулира размислувањето. Според професорите, постојат неколку потенцијални одговори.
Некои кандидати прашувале од каде доаѓаат тие информации или колкав е просечниот животен век во другите краеви од светот. Некои расправале за тоа дека одредени животни стилови и навики во Англија се лоши за здравјето.
Некои, пак, земале предвид дека просечниот животен век на Филипините е многу помал од Велика Британија, па сфаќале дека другите причини за смрт, освен ракот, се вообичаени во земјите во развој.
Што според вас е клучно за обвинување на некого? (Филозофија)
И во овој случај не се бара точен одговор од кандидатите, туку се открива дали кандидатот може да биде креативен и дали може да размислува критично и внимателно.
Некои сметале дека обвинувањето треба да вклучува сложена пресуда. Други верувале дека за личноста да биде виновна, треба да чувствува вина, гнев или огорченост.
Големо истражување покажало дека постарите браќа/сестри постигнуваат подобри резултати од помладите браќа/сестри. Зошто се случува ова? (Експериментална психологија)
Ова е прашање што ги тера кандидатите да размислат за многу разни аспекти од филозофијата.
Кандидатите мораат да размислуваат за познати фактори, како возраста на мајката во моментот на породување, влијанието на редоследот на раѓање врз децата и слично.
И овде не постои еден точен одговор, туку комисијата сака да слушне нови, интересни објаснувања.
Спирова С. | Црнобело