Жена користи фотка од нејзиното куче за да покаже дека силувањето не се случува затоа што „жената си го бара“
Фотографиите од кучиња се секогаш прифатени од интернет заедницата, но оваа фотографија доаѓа и со многу важна порака.
Бри Вајсмен од Тенеси, САД, на Facebook објавила фотографија од нејзиното куче, кое стои до чинија со неговата омилена храна.
„За луѓето кои велат дека жените се силувани поради начинот на којшто се облекуваат, ова е моето куче. Неговата омилена храна е бифтек. Очите му се на висина на мојата чинија. Нема да ѝ се приближи бидејќи му реков така. Ако кучето се однесува подобро од вас, треба да размислите за вашиот живот“, стои во нејзината објава.
Интересно е што фотографијата е објавена пред дури 2 години, но сè уште кружи онлајн и е споделена над 300.000 пати.
„Единствената личност што треба да се обвини при силување е силувачот. Негова била одлуката да силува. Луѓето не треба да се грижат што ќе носат, од страв дека ќе бидат силувани. Сакам луѓето да согледаат дека ова е проблем и да застанат заедно против срамењето на жртвите.“
Бри додава и дека штом 4-годишен питбул го разбира зборот „Не“, без разлика колку сака нешто, тогаш возрасните треба да го разбираат истото, без разлика како некој е облечен.
„Како едно помалку интелигентно животно разбира повеќе од мнозинството од возрасното население?“, вели Бри.
За нејзиното куче, Луис, Бри вели дека го чува уште од мал и дека никогаш не го тренирала.
„Само му зборував како да е личност и со текот на времето го прифати тоа. Отсекогаш се однесувал многу добро.“