Што точно е генетски модифицираната храна (и дали е безбедна)?
Генетското модифицирање на организмите е слично на калемењето и вкрстувањето животни, само што е многу попрецизен и побрз процес. Кога станува збор за генетски модифицирана храна, таа минува бројни тестови за безбедност пред да се најде на пазарот, што значи - не е опасна.
Генетското модифицирање можеби звучи страшно, но кога ќе размислите подобро, ќе сфатите дека ова е трик што, на некој начин, е користен уште во древното минато.
Единствената разлика е што сега научниците имаат подобри технологии, па можат да изолираат одреден ген и да ги добијат посакуваните резултати речиси веднаш, наместо да се обидуваат многупати без успех да ја добијат посакуваната карактеристика.
Одлични примери за ова се вкрстувањето на животните и калемењето.
Ако, на пример, некој сака куче кое е големо, но питомо, ќе спари, односно ќе вкрсти куче кое е големо со куче кое е питомо.
Слична е идејата и зад калемењето – земјоделците спојуваат две растенија со карактеристики кои сакат да ги има во едно.
Благодарение на калемењето, овошјето и зеленчукот што ги јадеме денес се многу поразлични од оние во минатото. Плодовите се поголеми, имаат повеќе хранливи материи, поиздржливи се на разни непогоди…
Со развивањето на генетскиот инженеринг во 1970-тите, вкрстувањето и калемењето станале многу поедноставни.
Со технологиите за генетско модифицирање, научниците можат да ги изолираат гените што сакаат и да ги копираат во друг организам, наместо да се надеваат дека ќе се наследат со калемење или вкрстување.
Ова значително го скратува целиот процес и го прави многу попрецизен.
За што се користи генетското модифицирање на храната?
Постојат многу причини за генетско модифицирање на храната – од намалување на трошоците за производство на храната, а со тоа и намалување на нејзината цена, до поголема отпорност на растенијата.
Исто така, со генетско модифицирање од храната можат да се отстранат гени кои би им предизвикувале проблеми на некои луѓе, како алергиски реакции.
Една од најглавните цели на генетското модифицирање на растенијата е да се направат поотпорни на инсекти и вируси.
Кога самото растение ќе има ген што го прави отпорно на штетници и болести, тогаш земјоделците нема потреба да користат пестициди и слични хемикалии кои некогаш можат да бидат штетни за луѓето.
Покрај тоа, генетското модифицирање може да ни помогне да ги добиеме потребните состојки за многу лекови и вакцини.
Како се одвива овој процес?
На официјалниот веб-сајт на Федерацијата за храна и лекови од САД е споделен пример кој одлично доловува како изгледа создавањето на генетски модифицирано растение.
Најпрво, научниците одбираат кои одлики сакаат да ги има растението што ќе го модифицираат. Ова можат да бидат карактеристики како поголема отпорност на суша или некои штетници.
Потоа, тие бараат организам што ја има оваа карактеристика. Овој организам може да биде друго растение, животно или некој микроорганизам.
Кога ќе го најдат организмот, тие го копираат генот што ги носи посакуваните карактеристики.
Потоа, користејќи разни технологии, научниците го вметнуваат новиот ген во ДНК-та на растението што сакаат да го модифицираат.
На крај, тие го засадуваат модифицираното растение и набљудуваат дали копирањето на генот е успешно. Односно, дали растението ја добило новата посакувана карактеристика.
Доколку модификацијата е успешна, растението минува низ бројни тестови за да се утврди дали е безбедно. Дури потоа растението почнува да се продава на земјоделци.
Целиот овој процес, од копирање на генот до продавање на растението, трае неколку години.
Дали генетски модифицираната храна е безбедна?
Веќе спомнавме дека пред генетски модифицираната храна да стане достапна за јавноста, таа е тестирана многупати.
Односно, оваа храна мора да исполнува одредени услови и стандарди за безбедност пред да се најде на пазарот.
Покрај тоа, засега нема докази дека генетски модифицираната храна која е достапна за консумирање предизвикува проблеми со здравјето.
Некои истражувања имаат покажано дека генетски модифицираната храна е штетна, но по детална анализа е утврдено дека проблемот не е генетската модификација, туку други фактори, како користењето штетни пестициди.
Постои и верување дека јадењето генетски модифицирана храна може да предизвика некаков проблем со нашите гени. Ова не е воопшто точно, бидејќи гените не функционираат на тој начин.
Скоро целата храна што ја јадеме, без разлика дали е генетски модифицирана или не, содржи гени.
Кога храната е зготвена или преработена, се уништува голем дел од нејзината ДНК, а со тоа и гените.
Најголемиот дел од останатите ДНК молекули се разградуваат во нашиот дигестивен систем и нема како да влијаат врз нашата генетика.