Како да дадете совет без да изгледате супериорно и арогантно?
Вистинско искушение е да им понудите помош на блиските, но понекогаш е тешко да не звучите арогантно. Дури и ако вашиот совет е прифатен, сепак е проблематично да ја испратите вистинската порака без да изгледате супериорно. Во овој случај следете ги овие правила што ќе ви помогнат да дадете совет без да го потцените соговорникот.
Најпрво побарајте дозвола
Најдобро е да ја прашате личноста дали воопшто сака совет од вас. Ова е пример за граници. Барањето дозвола ќе и даде ѝ моќ на личноста да прифати или да одбие.
Покрај тоа, барањето дозвола покажува емпатија и желба да помогнете, а притоа ќе знаете дали вашата помош е добредојдена.
Набљудувајте ги реакциите на личноста, како превртување на очите и знаци на незаинтересираност, за да знаете дали треба да престанете. Доколку личноста ве одбие, најдобро е да го почитувате тоа и да не давате совет.
Осигурете се дека го давате советот од вистински причини
Пред да се одлучите да помогнете, осигурете се дека вашите намери се најдобри. Дали го давате советот како поддршка, или пак тоа е одговор на вашата емоционална реакција?
Доколку вистински сакате да помогнете, слободно кажете го вашиот совет. Во спротивно, подобро е да молчите.
Внимавајте на вашиот тон
Не е важно само што ќе кажете, туку и како ќе го кажете. Кога давате совет, вашиот тон на зборување и говорот на телото се исто важни колку и пораката.
Важно е разговорот да се одвива опуштено за соговорникот да не зазема одбранбен став. Доколку звучите како да го сожалувате или како да му судите на соговорникот, најверојатно ќе изгледате арогантно.
Ослободете се од судењето
Без разлика за што станува збор, кога давате совет, од голема важност е да се ослободите од осудувањата. Иако повеќето од нас не се сметаат за личности што судат, сепак сите имаме одредени верувања што можат да влијаат на разговорот.
Ако давате совет и му судите на соговорникот, ќе изгледа како да го потценувате.
Избегнувајте ја психоанализата
Дури и ако имате искуство со психологија или сте терапевт, важно е да направите разлика помеѓу психоанализа и личен совет. Ако му нудите помош на пријател или член од семејството, најдобро е разговорот да биде лесен и да избегнувате теми како „внатрешно дете“ или потенцијални минати трауми.
Држете се до темата без обид да го анализирате соговорникот. Терапијата оставете им ја на психијатрите.
Спирова С. | Црнобело