5 докази дека ви е потребна „ментална“ пауза
Рокови, рокови, рокови… Навикнати сме да живееме со нив и за нив. Всушност, дојдовме до степен да можеме да функционираме под сите видови притисок и никој не може да не обвини за тоа.
Во едно општество каде уште едно еспресо е решение за недостатокот на сон и работата за викенд е клуч за успех, понекогаш е тешко да се препознае разликата помеѓу изговор и вистински замор.
Игнорирањето на обврските исто така не е решение, но мора да препознаете кога е време за „ментална“ пауза - да го одморите својот ум.
Кога сте постојано болни
Почнува како обична настинка, се претвора во синусна инфекција за на крај да закачите кашлица која никако не сака да исчезне.
Иако не можете да го контролирате вашиот имунолошки систем, не случајно се разболувате токму тогаш кога имате најмногу обврски.
Зошто? Бидејќи нашите клучни животни настани предизвикуваат количина на стрес што дебело ја плаќаме преку нашето тело.
За да го избегнете овој домино ефект, направете ја вашата ментална пауза пред стресната недела за која знаете дека следува, држејќи се до распоред кој ќе ви овозможи доволно сон и правилна исхрана за да го дадете својот максимум.
Кога минатото ве заморува повеќе од сегашноста
Како што ја разгледувате листата на обврски за тековниот ден, никако не можете да си ја простите грешната пресметка во последниот извештај на работа.
Грешката ве натера да ги избегнувате колегите, да се изолирате во салата за состаноци и да го поздравувате шефот со наведната глава. Товарот го носите на рамената, а умот ви е под постојан напад на негативни мисли.
Оваа преплавеност се должи на тоа што животот се движи напред, а стресот се влечка заедно со она што сметате дека е ваш неуспех.
„Менталната“ пауза ќе му даде шанса на умот да се релаксира и ќе им дозволи на вашите мисли да се средат.
Кога се занемарувате себеси
Ако вашиот распоред почнува да се претвора во циклус на прескокнување на оброци за да ја завршите задачата, време е да направите чекор назад.
Иако вашите одговорности се важни, вашето здравје е уште поважно - ако не се грижите за себе, ќе предизвикате повеќе стрес отколку што веројатно веќе го чувствувате.
„Менталната“ пауза е одлична можност да се создаде распоред кој ќе ве спречи да не го почитувате вашето здравје и да почнете да се стремите кон повисок квалитет на живеење.
Кога сте уморни и не можете да спиете
Има ли подобар начин за борба против настинката од добриот сон? Не, што е и причината зошто е толку фрустрирачки кога легнувате во кревет за да спиете а всушност само се вртите лево десно и посакувате да можевте.
Со бескрајни мисли кои трчаат во умот и вознемиреноста што доаѓа со нив, разбирливо е да чувствувате се освен мир.
„Менталната“ пауза ќе ви дојде како свеж воздух што ви треба, а со тоа и сонот што го заслужувате.
Кога сте постојано тажни
Понекогаш вашите емоции ве обземаат до таа мера да не можете да направите ништо друго освен едноставно да им се препуштите. Дозволете си, нема срам од тоа што ве прави живи.
Иако е добро да ги препознавате вашите чувства, ако постојано се чувствувате тажно и демотивирано, можеби треба да го прифатите фактот дека ви е потребна „ментална“ пауза, за да се вратите на вистинскиот пат посилни од кога било.
А. Ш. | Црнобело