Модификација на телото – уметност, личен израз или помодарство?
Модификација на телото како форма на декорирање не е сензационално откритие на новиот милениум. Уште во античките времиња воините имале навика да се тетовираат за подобро да се скријат или да оддадат почит на своите идоли.
Тие често си го модифицирале телото со цел да ги имитираат животните. Од ова време до денес, уметноста на украсувањето на телото се менува, па денес постојат неколку категории: тетовирање, пирсинг, скарификација, брендирање, импланти, сечење на јазик, оптички и магнетни импланти…
Се чини дека технолошкиот напредок значително ги олесни можностите луѓето да изгледаат, речиси, како сакаат. Барањето на нов идентитет (во облик на Елф од книгите на Толкин, крокодил, Човек-змија и сл.), колку и да звучи бизарно, на некој начин стана дел од популарната култура. Зошто?
Културолошките модификации на телото се присутни во различни делови на светот. Некои од нив имале религиозно значење, на пример, заштита од зли духови, додека другите биле симбол на убавината. Меѓутоа, во некои делови на нашата планета се практикуваат екстремни модификации, кои често драматично го менуваат изгледот на човечкото тело.
Во Африка се практикувало развлекување на долната усна пред 10.000 години, а племето Мурси од Етиопија ја практикува оваа традиција и денес. Во долната усна се ставаат големи дискови од глина или дрво сè додека усната може да се издолжи. Поголема уста значело и поголема шанса за брак.
Издолжување на черепот се практикувало илјадници години, а денес се практикува само во некои делови на државата Вануату. Овој метод го практикувале јужноамерикански племиња, претежно Маите, а потоа и Абориџините во Австралија и Нов Зеланд.
Слични издолжени черепи биле пронајдени во областа на денешниот Ирак, како и во гробовите на египетските кралеви. Мотивот за ова издолжување бил ист кај сите – издолжената глава ја симболизираше високата класа и високата интелигенција. Оваа постапката се изведувала веднаш по раѓањето.
Многу племиња во Бали ги остреле своите заби поради мислењето дека нивните заби претставуваат емоции, како гнев и љубомора. Абориџини и некои племиња во Виетнам и Судан, ги остреле забите за религиозни цели.
Скарификација или украсување со лузни се практикувало во африканските племиња, наместо тетоважи. Според традицијата на овие народи, ставање на лузни на телото е ритуал кој го означува преминот во зрелоста, а се толкува како знак на храброст и лојалност кон племето.
Се чини дека овие стари навики на „украсување“ на телото повторно се враќаат во мода, па сè повеќе и повеќе млади луѓе одлучуваат да го разубават телото со пирс или тетоважа. Американските истражувања покажуваат дека околу 36 проценти од луѓе на возраст од 18 до 25 години имаат пирс.
Тетовирањето е најчестиот прифатен аспект на модификација на телото, иако луѓето со тетоважи сè уште се етикетирани како девијантни членови на општеството.
Меѓутоа, постојат луѓе кои се склони кон чудни типови на трансформација на телото, како ставање рогови или вампирски заби. Таквите примери зборуваат за новиот начин на украсување на телото. Водечките експерти во пластичната хирургија се против овие модификации, бидејќи се опасни и ризични за здравјето.
Како што порано нашите предци сакале да личат на своите идоли (лавови, крокодили), така и денес луѓето сакаат да личат на одредено нешто. На пример, популарни се импланти наречени „Jeweleye“, изработени од легура на платина кои се ставаат во белката на окото. Овие импланти имаат разни форми, од срце до ѕвезди.
Зошто луѓето имаат потреба од модифицирање на телото?
Најчестиот одговор што луѓето го даваат на ова прашање е: изразување на индивидуалноста.
Длабоко всадената желба да се биде уникатен и поразличен од другите луѓе е својствено за човештвото како целина. Тоа е една од најчестите психолошки причини зошто жените носат шминка, зошто мажите вежбаат, и зошто и двата пола ја бојадисуваат косата, прават фризури, редовно вежбаат, се облекуваат модерно, јадат здраво и сл.
Втората причина може да се поврзе со одредена супкултура. Многу луѓе имаат отпор кон популарната култура, општество, владата или родителите. Ова е особено често кај тинејџерите кои прават разни модификации на телото за да покажат отпор кон возрасните.
Други хируршки модификации вклучуваат сечење на увото, раздвојување на јазикот и генитални модификации. Овие видови на модификации обично се поневообичаени (иако не се невообичаени), а целта им е да ги урнат границите на општественото прифаќање.
Модификација на телото е стара колку и луѓето, а со својата богата и фасцинантна историја оваа практиката веројатно нема да исчезне во скоро време.
Ашера | Црнобело