Дали во Викторијанската Англија навистина фотографирале духови?
За време на Викторијанската ера (19 век), Британската Империја беше најбогатата земја во светот. Но и покрај големото богатство, повеќето луѓе живееле во многу лоши услови.
Во овој период стапката на смртноста кај новороденчињата била многу висока, а просечниот животен век бил само 40 години. Покрај ова имало и чести случаи на разни смртоносни болести.
Многу родители не биле доволно богати за да ги фотографираат (живи) децата или некој друг член на семејството. Поради тоа ги фотографирале мртвите луѓе пред да бидат погребани. Ова било единствениот начин да се зачуваат спомените на починатите, во форма на фотографија. Повеќето фотографи ја завршувале својата работа чесно, но некои фотографи тврделе дека можат да ги фотографираат духовите на починатите лица.
Вилијам Хоуп станал фотограф на духови сосема случајно. Во една прилика, додека го фотографирал својот пријател, на сликата видел „дух“. Наскоро потоа ја формирал групата „Crewe Circle“, група од 6 фотографи кои се занимавале со истиот занает. Откако добиле дозвола од Црквата, групата почнала да ги фотографира духовите низ целата земја.
Хоуп се пресели во Лондон во 1920 година и стана професионален медиум. Но контроверзиите околу неговите фотографии се зголемувале, па наскоро целата група била сметана за шарлатанска.
Никој не можел да го дискредитира Вилијам Хоуп за време на неговиот живот, но затоа многу други „фотографи на духови“ биле фатени на дело и јавно посрамени.
Вилијам Х. Мумлер бил првиот човек кој почнал да ги фотографира духовите, кога случајно забележал дека на една фотографија постојат две слики. Иако знаел дека се работи за фотографска техника наречена дупла експозиција (double exposure), тој решил да ја злоупотреби оваа техника за да заработи пари.
Мумлер почнал да работи како медиум, а патем ги фотографирал луѓето со додавање на негативи на нивните најблиски (најчесто користејќи други слики како основа). Измамата на Мумлер беше откриена кога на фотографите биле идентифицирани живи луѓе од Бостон, кои тој ги претставил како духови.
Во 1920-тите години, многумина сакале да ги дискредитираат овие фотографи на духови, а најистакнатиот „разбивач на митови“ бил Хари Прајс, истражувач на парапсихологија. Прајс знаел дека Вилијам Хоуп ја користел техникатата на преклопување: ставајќи една слика врз друга за да создаде дупла експозиција, но неговото откритие не ја уништило репутацијата на Хоуп.
Многу влијателни луѓе верувале дека Хоуп навистина може да ги фотографира мртвите луѓе. Еден од најпознатите обожаватели на Хоуп бил Сер Артур Конан Дојл, авторот на книгите за Шерлок Холмс.
Со таква поддршка од реномирани личности, Хоуп продолжил со своите занаети и трикови до неговата смрт во 1933 година.
Во својата книга „Fifty Years of Psychical Research“, Хари Прајс, кој го поминал поголемиот дел од својот живот во истражувањето на паранормалните феномени, открил многу измамници и конечно заклучил дека „не постојат валидни докази за фотографирање на духови“.
Ашера | Црнобело