Дали приказните за митските сирени беа инспирирани од вистинска медицинска состојба?
Сирените ја окупираа имагинацијата на луѓето илјадници години. Овие суштества потекнуваат од древна Асирија, а поврзани се со легендата за божицата Атаргатис која се преобразува во полу-човек, полу-риба.
Ги знаеме како суштества кои ги заведуваат морнарите со пеење, а отсекогаш биле неизбежен дел од фолклорот на сите народи поврзани со морето. Но дали нашиот концепт за сирените всушност може да потекнува од вистинска медицинска состојба?
Во грчката култура се опишани како придружнички на Персефона. Понекогаш се прикажани со инструмент, обично харфа, придружувани со нивната фатална песна. Кај другите народи, сирените се водени суштества со попривлечен изглед.
Во континенталниот дел на Европа, сирените се најчесто речни самовили, кои со нивната песна ги убиваат луѓето. Најпозната речна самовила е Лорелај од реката Рајна, за која пишува германскиот поет Хајнрих Хајне. Најпознатата сирена за која сите имаме слушнато е Ариел, креацијата на Ханс Кристијан Андерсен.
Но доколку се оддалечиме од бајките и митовите, можеме да забележиме многу документирани видувања на овие суштества.
Кристофер Колумбо има пишувано за средба со сирени, додека патувал низ Карипското Море. Во овие записи можеме и не мораме да веруваме, бидејќи Колумбо можел да ги измисли овие видувања, за да создаде поинтересна приказна.
Второ документирано видување е поврзано со јапонските војници, кои за време на Втората светска војна, во 1943 година, се сретнале со чудни суштества во близина на островот Кеи во Малезија. Овие суштества имале човечко тело и уста како крап, додека нозете им личеле на опашка од риба.
Во август 2009 година, откако десетици илјадници луѓе тврделе дека виделе сирени како скокаат од водата, израелскиот крајбрежен град, Киријат Јам, понудил награда од 1 милион долари за докази за постоењето на овие суштества.
Сепак, знаеме дека често пати описите на морските чудовишта во старите приказни произлегувале од видувања на реални животни како китови, гигантски лигни и моржови, кои ретко биле видени во тоа време.
Од медицинска гледна точка, постои и нешто што се нарекува сиреномелија. Сиреномелија е форма на генетска мутација, која се јавува во пренаталната фаза, односно кога папочната врвца не се раздвојува на две артерии. Поради овој дефект крвта може да снабдува само еден екстремитет. Најстариот познат запис кој ја опишува оваа состојба датира од 1891 година.
Можеме ли овој синдром да го поврземе со создавањето на легендите за сирените?
Оваа теорија е проблематична, бидејќи сите познати случаи на сиреномелија потврдуваат дека бебињата родени со „синдромот на сирена“ ретко живеат подолго од неколку дена. Затоа е тешко да се докаже дека оваа мутација можела да биде причина за приказните за сирените.
Што мислите, дали сирените се само човечка потреба за мит или се работи за скриена реалност од длабочините?
Ашера | Црнобело