Во кој момент колекционерството на парфеми станува зависност?
Ова прашање го прочитав на еден од омилените сајтови поврзани за мојата омилена навика, парфемите, што ме натера и самата да размислам околу тоа.
Разгледувам околу себе, во собата моментално имам 11 парфеми што се отворени и што веќе ги користам. Во другата има барем пет што се пролетни и летни, а има и два што не се отворени бидејќи не им е време. Бројот на неотворени парфеми сигурно е уште барем 15, не сум сигурна.
Се запрашав, дали сум зависна од купување парфеми? Зошто го правам тоа?
Имам омилени кои не би ги менувала за ништо, дефинитивно. Но, зошто тогаш омилена активност ми е шетање по парфимерии и испробување на нови мириси? Дали се работи за желба да ги имам, повеќе отколку што би мирисала на нив?
Често кога треба да купам нешто друго или кога ги плаќам сметките, потрошената сума ја пресметувам во тоа колку парфеми можев да купам за тие пари. Не се задржувам само на брендови. Ми се допаѓаат и поекономични парфеми, па дури и евтини. Првите неколку шишенца ми беа возбуда и забава. Потоа сè стана потреба. Си велам, некој купува облека, некој книги, кај мене тоа се парфемите и навистина не би штедела доколку сакам некој да го имам веднаш.
Некогаш ме привлекува рекламата, некогаш дизајнот на шишенцето, а некои мириси остануваат врежани во мојата меморија и не можам да се смирам додека не ги обезбедам за во својата колекција.
Забележав и дека најчесто се работи за импулсивно купување. За среќа, кога постои ризик тоа да се случи, земам некој со мене, за да може буквално да ме одвлекува од пред парфимериите. Понекогаш успева. Понекогаш се освестувам дека навистина не ми е потребен уште еден парфем.
Но, не можам да си помогнам кога по пробување на тестерот, мирисот „легнува“ на мојата кожа и шири арома што ми се допаѓа. Сфатив дека токму мирисот е она што прави да бидам смирена, да уживам и да ми биде удобно во своја кожа.
Остана само уште да се надмине потребата да го имам секој нов парфем што ќе го видам на Инстаграм, особено кај брендовите кои ми се омилени.
Дали на овој начин се справувам со секојдневниот стрес? Можеби. Ја немам најдено кај себе причината за ваквото однесување, но она на што се надевам е дека конечно ќе успеам да ја ставам таа потреба под контрола.
Од друга страна, веќе два месеца немам купено нов парфем. Можеби конечно успевам да се справам со потребата. Којзнае...
Е. Д. | Црнобело