Недела е „лош“ ден, но и предуслов за добар понеделник
Колку и да сакате да сте личност која во понеделник наутро се појавува на работа со насмевка на лицето, елан за работа во очите и подготвен ручек во торбата, шансите се големи да сте далеку од тоа.
Многу поверојатно е дека се будите по третото ѕвонење на алармот, преморени после маратонското гледање на омилената серија во недела навечер и имате капки кафе на кошулата кои таму се појавија при обидот да стигнете навреме.
Неделата како ден буди мешани чувства - од една страна е стресна бидејќи следниот ден започнува уште една долга седмица, а од друга страна смирува бидејќи во недела по правило не се работи ништо.
И колку и да не ја сакате, постојат неколку работи што може да ги направите токму во недела со цел вашите работни денови што следат да бидат полесни и попродуктивни.
Погледнете го календарот
Нема ништо полошо од моментот кога ќе сфатите дека имате пет состаноци по ред во одредено попладне, или сте заборавиле да се сретнете со вашиот пријател на ручек. Во недела погледнете го вашиот календар за следните неколку дена со намера да се поштедите од вакви откровенија.
Дали патувате? Дали треба да откажете, додадете или прилагодите нешто? Што недостасува на вашата листа на обврски? Разгледувајќи го она што веќе е на вашиот распоред за наредната недела, ќе почувствувате дека сте подготвени да се справите со тоа.
Не заборавајте да одвоите време и за релаксирачки активности; состанок со партнерот, чаша вино со пријателите, прошетка со вашиот миленик.
Подгответе мали оброци
Не мора да го поминете скапоценото време од последниот ден од викендот во кујна, но ќе имате корист од тоа да направите мали оброци за претстојната недела. Секој од нас тоа го прави на различен начин - некои луѓе готват одеднаш потоа ја замрзнуваат храната, други прават планови врз основа на тоа што е во фрижидер, а трети едноставно пазарат основни намирници.
Заедничката придобивка е тоа што како и да ја приготвите храната, ќе јадете здраво цела недела, а ќе се поштедите и од неодлучноста што да каснете после долгиот ден.
Зачистете
Не мора да правите генералка, доволни се 15 минути да го потсредите нередот. Ако сакате да се внесете во активноста супер, но ако тоа ви е премногу како за последен ден во неделата, концентрирајте се на неколку моменти - забришете го огледалото во бањата, здиплете го ќебето на троседот, средете ја гардеробата како и чантата.
Нема ништо полошо од тоа да се разбудите во понеделник наутро и прво нешто што ќе забележите да биде преполната корпа со неиспрани алишта.
Легнете си рано
Социјалните мрежи ќе бидат таму и утре, а вашиот понеделник ќе биде ужасен доколку не го спуштите телефонот на време. Изгаснете го светлото и одморете се добро, бидејќи со легнување порано од вообичаеното им правите услуга на вашиот ум и тело.
А. Ш. | Црнобело