Дали среќата навистина доаѓа однатре?
Среќата доаѓа одвнатре - оваа реченица ја слушаме постојано, а се темели на верувањето дека доколку погледнете длабоко во себе ќе сфатите кои сте и оттука коцките сами ќе се наредат.
Генерално сите сме одговорни за одлуките што ги носиме, но за да бидеме среќни потребни ни се и другите.
“Исклучително е важно да се грижиме за себеси; да јадеме здраво, да се одмораме доволно, да имаме бистар ум и зацртани цели.
Усовршување на техниката за дишење или топла бања се одлични техники за опуштање и дефинитивно може да ни помогнат да останеме на вистинскиот пат, но преголема концентрација на сопствените потреби може да не одведе во сосема друг и погрешен правец“ - вели колумнистот на New York Times, David Brooks.
Тој тврди дека живееме во време кога се глорифицира „Големото Јас“, односно личната среќа по цена на општеството и односите со другите луѓе.
Иронијата во ова, како што вели Brooks, е во тоа што овој концепт всушност и штети на личноста, бидејќи бројни истражувања покажуваат дека најсреќните луѓе имаат многу блиски односи со пријателите и семејството.
Социјалната интеракција и надвор од кругот на блиските е исто така многу важна, а луѓето кои се поврзуваат со други луѓе, па макар и со непознати на улица или во автобус, манифестираат подобро расположение.
Ние сме социјални битија, и нашето физичко и ментално здравје зависи од нашите социјални односи. И самите сте свесни колку е важно да имате „рамо за плачење“, некој кому ќе се обратите за помош кога тоа ќе ви биде најпотребно и личност која со вас ќе минува низ тешките периоди.
Малку познат е фактот дека луѓето се посреќни и кога им помагаат на другите, а многу веројатно дека денес ќе наидете барем на еден човек кому му е потребна помош. Искористете ја шансата, помогнете му, а тоа ќе ви помогне вам да се почувствувате радосни и да го намалите стресот.
Клучот е во тоа да најдеме начин да се оддалечиме од себеси, во смисла на тоа да избегаме од ќелијата во која нашиот ум се наоѓа.
Колку и да е важно да се погледне во себеси, толку е важно и да не се занемари потребата од интеракција.
А. Ш. | Црнобело