Зошто сте лош слушател и како да го промените тоа?
Да се биде добар слушател не е природна состојба на човечкото постоење и тоа го учиме во текот на животот. Некои, никогаш не успеваат во тоа.
За да бидете прифатлива личност за вашата околина, освен што треба да сте комуникативни, треба да знаете и кога треба да замолчите и да ги слушате другите. Колку и да не ве интересира што има другиот да каже, слушајте, можеби ќе препознаете нешто што може да биде корисно за вас.
Ова се најчестите причини зошто сте лош слушател и совети како да го надминете тоа:
Вашата природна желба да зборувате
Нормално е да сакате гласно да кажете сè што ви паѓа на памет, бидејќи тоа го поврзувате со комуникативност и знаење. Ова може да биде пречка да ги чуете другите што имаат да кажат. Следен пат кога ќе посакате инстинктивно да отворите уста и да прекинете некого, потсетете се дека сите треба да бидат слушнати, почекајте да завршат и потоа зборувајте.
Им судите на другите
Ако некој не ви се допаѓа како појава, природно е да не сакате да чуете ниту збор од таа личност. Поради тоа можете да пропуштите многу важни нешта. Без разлика што и да мислите за нив, оставете ги да кажат што имаат. Можеби и ќе го промените мислењето за нив после тоа.
Имате предзнаења за некого
Ви кажале дека некоја личност е „таква и таква“ и вие тоа го земавте здраво за готово, па не сакате да дадете шанса. Нема потреба да ви кажеме дека веќе сте возрасна личност која сама треба да процени, нели? А, тоа ќе се случи само ако слушате.
Вашето его застанува на патот
Колку поголемо его, толку полош слушател. Вашето его може да ви ги затне ушите и да не чуете ниту збор од она што другите го кажуваат или ве предупредуваат. Сигурноста во себе е одлична, но не дозволувајте да ве заслепи.
Практикувате мултитаск
Колку и да се чувствувате дека можете да правите повеќе активности наеднаш, мозокот работи сериски, а не паралелно - ако направиме аналогија според струјните кола. Да, можеби сте способни да примите повеќе информации наеднаш, но не и да ги процесирате. Затоа, ако разговарате со некого, концентрирајте се на тоа.
Ставате луѓе на „мјут“
Сте ги чуле многупати досега како зборуваат и само ви губеле време. Но, тоа не е причина да престанете со слушање. Можеби овојпат ќе имаат да кажат нешто важно, а вие ќе го пропуштите тоа.
Е. Д. | Црнобело