„Моите лузни ме потсетуваат дека животот е краток и дека сум среќна што сум жива“
Кога борбата со некоја болест или можеби некоја сообраќајна незгода ќе остават лузни на вас, не треба да се срамите, треба да бидете горди - тие се доказ дека вие сте воин.
За многумина зборот лузна е синоним со мана. Но, всушност лузните се убави, тие покажуваат колку тешка ситуација сме надминале и сведочат за нашата моќ за преживување.
Треба да сме горди на нив. Тие се знак дека сме воини и секоја лузна раскажува приказна.
3 жени ги споделија своите приказни за лузните:
Лобин Лоули
Лобин Лоули ја има автоимуната болест лупус, а еден од симптомите и се нападите. Во една пригода додека се симнувала по скали, добила напад, паднала, ја удрила главата, си ја пресекла устата, а дури ѝ паднал и заб.
Таа не знаела колку била повредена сè додека не ѝ дале огледало во болницата.
„Се тргнав од социјалните межи сè додека не закрепнав, но откако бев подготвена објавив пост за инцидентот. Не сакав да лажам, не сум засрамена, тоа е нешто што не можам да го контролирам и не сакам другите луѓе со лупус или некоја друга ваква состојба да се чувствуваат сами.
Гледањето на моите лузни ме потсетува дека животот е краток и дека сум среќна што оваа незгода не беше фатална. Кога мислам на тинејџерскиот период кога бев опседната со мани како стриите, смешно ми е.
Треба да ја покажеме нашата вистинска кожа за девојките да видат како изгледа. Лузните се дел од тоа да се биде човек .“
Пејџ Мур
Пејџ на 23 години поради историјата на рак во нејзиното семејство се тестирала и открила дека ја има генетската мутиација BRCA1 и 87% веројатност за појава на рак.
Бидејќи не сакала да чека ракот да дојде направила двојна масектомија, а потоа и реконструктивна операција на градите и фотографиите од процесот ги прикачила на социјалните мрежи.
„Некое време по операцијата не го препознавав своето тело, се чувствував чудно. Ми беше потребно многу љубов кон себе и работа за да научам да го прифатам моето тело такво какво што е сега.
Но, лузните никогаш не ми пречеа, всушност ги сакав. Првиот пат кога ги погледнав по операцијата помислив дека се убави и плачев. Се чувствував горда и секси затоа што го симболизираа фактот дека преземав акција во лоша ситуација и сторив сè што е во моја моќ за да се осигурам дека ќе живеам долг и здрав живот.
Сакам да ги покажувам, сакам кога ѕиркаат од мојот костим за капење. Докажуваат дека сум воин. Чувствувам дека си го спасив сопствениот живот и не можам да замислам ништо посекси од тоа.“
Алиша Експозито
Кога атлетот Алиша Експозито отишла на трчање била удрена од камион, заглавена под неговите тркала и влечена неколку метри.
За чудо, таа немала скршени коски, но поголемиот дел од мускулната маса на нејзината десна потколеница бил уништен. За да ја спаси својата нога имала 3 операции во 10 дена.
Кога ја напуштила болницата по 3 седмици била фокусирана на тоа да биде атлет повторно. Се посветила на физикална терапија и секој ден се борела за да прооди и трча повторно. Денес таа работи како личен тренер.
„Носев преврска на ногата долго време, во почетокот за да ја заштитам од инфекција, но потоа за да ја скријам. Но, сфатив дека преврската само привлекува повеќе внимание, па престанав да ја носам и тоа беше голем момент за мене.
Понекогаш луѓето зјапаат во неа или слушам „Ќе беше убава ако немаше лузни“ и мразам што сум сведена само на својот изглед. Но, на некој начин тоа е подарок затоа што само направи да говорам погласно за луѓето да сфатат дека јас сум многу повеќе од само мојот физички изглед.
Кога луѓето престанаа да ја забележуваат толку многу лузната сфатив дека тоа е затоа што престанав да ја гледам како нешто кое треба да биде сокриено. Во еден миг ја имав опцијата да направам пластична операција за лузната да биде помалку видлива, но не го сторив тоа. Секогаш кога ќе ја погледнам мислам на мојата упорност и не сакам да избледи.“
С. С. | Црнобело