Прекрасни нематеријални подароци кои можете да им ги дадете на најблиските
Материјалниот подарок е нешто што го покажува вашето внимание кон личноста на која ѝ подарувате. Но, нематеријалните подароци имаат потрајна вредност.
Вашите деца никогаш нема да ги заборават минутите и часовите кои им ги посветувате по долгите работни денови. Подарете спомени, искуства и мудрост.
Што сè можете да подарите, а е бесплатно и повредно од сè друго:
Минути и часови
Кога обврските ви одземаат премногу време, минутите и часовите добиваат голема вредност. Наместо да барате совршен подарок за драгата личност, искористете го тоа време за да се видите, да разговарате и да бидете покрај нејзе.
Животно искуство
Споделеното животно искуство е лекција за оној кој ве слуша. Споделете со децата, со помладите браќа и сестри, со внуците... Секогаш има некој од кого сте поискусни и помудри.
Спомени
Создавајте спомени со своите најблиски секогаш кога имате време за тоа. Тие ќе ви помогнат да не ја изгубите блискоста во времињата кога секој ќе треба да се посвети на своите обврски.
Помош со чување деца или миленици
Ако на некого се понудите да му ги причувате децата или да го прошетате кучето, ќе ви бидат многу благодарни за тоа. Во исто време ќе можете да научите нови работи, да се забавувате на начин на кој не сте навикнати, а таа услуга никогаш нема да ви ја заборават.
Своето знаење
Вашето знаење и мудрост вредат многу повеќе ако ги споделите. Но, внимавајте, давајте ги на оние кои навистина заслужуваат да научат нешто од вас.
Љубов
Има ли поубав подарок? Поминувајте време со партнерот, со семејството, со пријателите и родителите. Одете заедно во театар или на концерт, а можете и на изложба или некој курс.
Е. Д. | Црнобело