Митови за студирањето во кои бруцошите треба да престанат да веруваат
Со почетокот на академската година најзбунети се токму оние кои првпат го искусуваат студентскиот живот.
Како и секој почеток и нова етапа од животот, така и почетокот на студирањето е проследен со многу митови и лажни верувања, според кои бруцошите никако не смеат да се водат.
Вистината е дека текот на студирањето зависи од самиот студент, но и дека нема ништо срамно во тоа да се падне на испит или да се одложи полагањето за некоја од следните сесии.
Но, да почнеме од почеток:
Треба да бидете најдобри пријатели со цимерите
Пријателскиот однос со цимерите е потребен, но не и неопходен. Ако изберете студентски дом, веројатно нема да можете да ги изберете цимерите. Можно е тој однос да прерасне во пријателство, но доколку тоа не се случи, сосема е во ред.
Треба да знаете што сакате од себе по матурата
Сте мислеле дека сакате една струка, но подоцна сте сфатиле дека не се пронаоѓате. Не грижете се, на возраст од 18-19 години тоа е нормално, а и уште имате време да се запишете на друг факултет ако забележите дека првата година не ви тргне како што треба.
Сите треба да дипломираат за 3 или 4 години
Тригодишниот и четиригодишниот план важат за некои од студентите, но не за сите. Иако студиската програма е однапред определена со одредена должина, не значи дека треба да се водите по тоа и навистина не е страшно ако дипломирате половина, една или три години подоцна.
Студентските се најважните години од вашиот живот
Секако дека не! Секоја година од вашиот живот е важна. Студиите се разликуваат по тоа што професионално ве „моделираат“, а како личност се градите целиот живот.
Првата година е најтешка
Тешка е адаптацијата, но не кај секого. Многумина лесно ја поминуваат првата година и заглавуваат во некоја од следните.
Треба да учите во секоја слободна прилика што ја имате
Тоа што сте студент не значи дека треба да се затворите во читалната и да учите цело време. Времето брзо поминува, па може да пропуштите интересни нешта доколку носот ви е во книгата цело време. Организацијата на времето е многу поважна од тоа.
Струката е вашата животна определба
Можеби и нема посмешно од ова тврдење. Покрај основниот смер на факултетот, некогаш можете да се запишете вонредно и на втори студии, да изберете постдипломски студии на друг факултет или да земете некои од стручните курсеви за доусовршување.
Е. Д. | Црнобело