Зошто возрасните потешко учат странски јазици отколку децата?
На голем број возрасни луѓе им е многу тешко да совладаат странски јазик, но тоа не се случува затоа што не вложуваат доволно труд, туку напротив, затоа што премногу се трудат.
Развиените когнитивни функции кај возрасните луѓе можат да бидат голема пречка во совладувањето на нови нешта, вклучително и странски јазици. Децата, пак, во овој поглед имаат поголема предност. Но, возрасните не треба да се грижат, бидејќи ова е единствен случај кога супериорните когнитивни функции претставуваат некаква пречка за учење нови нешта.
Спроведени се две истражувања, со учесници говорители на англиски јазик. Тие 10 минути слушале зборови од измислен јазик, вкупно девет и сите двосложни. Секој збор припаѓал на една од три категории на звучна структура.
Во првата група, побарано е од нив да цртаат и бојат, со цел да не се сконцентрирани, а потоа решавале тест и од понудените зборови ги заокружувале оние кои припаѓаат на јазикот кој го слушале.
Во другата група, побарано е од учесниците да вложат целосно внимание и да притискаат тастер секогаш кога ќе препознаат збор од новиот јазик.
Како потврда на првичната теза дошле резултатите, според кои учесниците од втората група покажале доста полоши резултати во однос на оние од првата. Концентрацијата им помогнала да ги научат основните зборови, но не и да ја совладаат граматиката.
Како ова се одвива кај децата?
Децата многу полесно учат јазици бидејќи нивниот начин и пристап се доста поинакви. Луѓето имаат два система за меморирање: декларативен - кој ги чува основите на знаењето, како што се факти и вокабулар и процедурален - кој ни помага да совладуваме одредени процедури и вештини.
Кај децата, процесот на учење се одвива несвесно, а токму процедуралниот систем на меморирање помага во тоа. Него го користиме за да запаметиме сложени процедури и правила, како што се граматичките правила во странските јазици. Од друга страна, кај децата, декларативниот и процедуралниот систем за меморирање работат независно, додека пак кај возрасните, тие два се во интеракција, за да може да се поврзат фактите со процедурите и обратно.
Но, не дозволувајте ова сознание да ве обесхрабри во желбата да совладате странски јазик на курс. Токму напорот кој ќе го вложите во учење на вокабуларот и граматиката ќе го заштити вашиот мозок од многу нарушувања, меѓу кои и Алцхајмеровата болест.
Е. Д. | Црнобело