Не личите на себе, говорите непознат јазик: 7 знаци дека сте го сонувале минатиот живот
Верувате ли во реинкарнација? Сеќавањата од претходните животи не се манифестираат само на јаве, туку и кога не сте будни.
Доколку некогаш сте имале сон што бил неверојатно реален, тогаш голема е веројатноста, информациите и симболите од минатиот живот да проаѓаат низ вашата потствест. Дел од нив се јавуваат уште во детството, додека другите во повозрасното доба.
Соништата се обиди на потсвесниот ум да ви прати некаква порака, како при донесувањето важни одлуки во сегашноста, така и во ослободувањето на насобраната карма од минатото. Како да ја разликувате нормалната состојба на сон, наспроти соновите кои се блесоци од претходните животи?
Ова се седумте знаци дека сте го сонувале минатиот живот:
1. Сонот содржи историски детали.
Обичните соништа главно содржат само места, луѓе и предмети кои ви се познати во сегашниот живот. Ова е логично – обично го сонувате она што ви е познато.
Кога во вашиот сон се појавуваат луѓе и места од историјата, тоа е знак дека сте го сонувале минатиот живот. Можно е да сонувате и значајни историски настани.
Притоа, не само што јасно ги гледате деталите, туку и ве обзема сензација дека претходно сте биле на конкретното место.
2. Не изгледате ниту пак се однесувате како себе.
Ви се случило на сон сѐ да гледате и доживувате низ очите на друга личност? Тоа е потенцијален знак дека сте го сонувале претходниот живот. Можно е да се видите себеси како лик од спротивниот пол, или, пак, на поинаква возраст и со различна боја на кожата.
По будењето си велите: „Не личев воопшто на себе, ама знам дека тоа бев јас.“. Bo кармичките соништа, се однесувате несвојствено за себе и може да направите работи за кои не сте способни во сегашниот живот. Ова се однесува на мислите, вештините, па и на распонот од емоции.
Можеби разбирате или говорите друг јазик. Можеби поседувате знаење на фармер, доктор, или, пак, војник. Можеби имате длабоко сочувство или склоност кон насилство, кои инаку ги немате.
Подоцна ваквите таленти и вештини ќе почнат да се манифестираат и на јаве. Во реалноста се јавуваат необично, интуитивно и спонтано, а делуваат како некаков далечен спомен.
3. Соништата се повторуваат и не се менуваат.
Обичните соништа „скокаат“ од една на друга сцена. Се одвиваат брзо, па кога се обидувате да се присетите на нив и да им ги раскажете на другите, тоа е некако испрекинато. Мнозинството луѓе не се длабоко и доследно поврзани со својата потсвест, па во соништата им владее хаос.
Кога сонувате дека ја чистите кујната, па одеднаш минувате низ вратата од вашата канцеларија, а таму се одржува роденденска забава на која присуствува и Ким Кардашијан - тоа е обичен сон и потсвеста сосема нормално го прифаќа таквиот скок во дејството.
Кога, пак, го сонувате минатиот живот, настаните се логични и имате чувство дека не контролирате што се случува. Така е бидејќи сонот не го создава вашата потсвест, туку неговиот извор е повисоката свест, а вие во него сте само наљубувач.
Кога соништата се повторуваат, што е чест случај, тие никогаш не се менуваат. Може секојпат да ја гледате истата сцена од настанот, со ситни или никакви измени, а без можност да влијаете на сонот.
4. Вашите чудни особини и однесувања стануваат појасни.
Во сегашниот живот сте развиени во целовита личност со формиран карактер. Меѓутоа, сите имаме одредени чудни особини, верувања и суеверија кои баш и не се вклопуваат во животот и светот каде се наоѓаме.
Тие честопати се „наследства“ од минатите животи, а можно е изворите да бидат откриени преку кармичките соништа. Во претходниот живот, некакво верување потполно ви имало смисла, додека во сегашниот ви се чини бесмислено, а не се заснова на ниту едно ваше искуство.
Минатите животи имаат влијание и на однесувањето. Така може да се објаснат дел од фобиите, како што е клаустрофобијата, или, пак, компулсивните реакции, како што се изразената потреба да седнете во близина на вратата или свртени кон прозорецот.
Ако немате спомен од сегашниот живот што може да ви ги разјасни, голема е веројатноста дека всушност потекнуваат од минатото. А, доколку после сонот подобро ги разбирате дотогаш необјаснивите верувања и однесувања, ова е доказ дека со него навистина сте зачекориле во претходниот живот.
5. Добивате одговори за физичкото и психичкото здравје.
Некои моментални здравствени и емоционални состојби, исто така може да се објаснат преку минатите животи.
Доколку чувствувате болки само во едното колено, додека во другото не, како ни во останатите зглобови, сонот за претходниот живот може да ви ја открие повредата што ви се случила на таа страна, или, пак, на конкретниот дел од телото.
Можеби дури и ќе сонувате дека сте биле ранети, повредени, или, пак сте доживеале нешто трето, кое е директно поврзано со ваквото искуство во реалноста.
Избувливиот темперамент во сегашниот живот, постојаните битки со финансиите или склоноста за дарежливост кон останатите луѓе, претставуваат дополнителни работи кои може да ви ги разоткрие сонот.
Ако осознаете нешто за своето тело или чувства кое претходно не сте го знаеле, веројатно сте имале сон за минатиот живот.
6. Ви ги разоткриваат духовните предизвици.
Доколку имате чувство дека нешто ви фали во животот, односно ве буни зошто не може да бидете среќни како и останатите луѓе, можеби објаснувањето за анксиозноста, депресијата и незадоволството лежи во претходниот живот.
Тоа се неисцелени проблеми, а кармичките соништа честопати се клучот што недостасува за нивно разбирање.
Сите сме доживеале трауматски искуства во минатите животи, па ако со нив не сме се соочиле и ги решиле, тогаш истите можно е да се појават во сегашниот живот. И создаваат збунетост која единствено сонот може да ја објасни.
7. Чувството е едноставно поинакво.
Се будите и знаете дека сонот бил поразличен од останатите ваши соништа, дека е важен и дека нема да заборавите ниту едно негово делче. Симболите ви се втиснати во меморијата. Можете да се сетите на нив и после многу години.
Кога и да се појави сонот за претходниот живот, важно е длабоко да се нурнете во него. Тој дошол со причина и вреди да посветите време за да откриете зошто. Ова ќе ви помогне, не само да ги објасните необјаснивите сегменти од сопствениот живот, туку и ќе ви донесе мир во умот, како и ослободување од минатата карма.
Запомнете дека кармата е лекција, а не е казна. Кога ќе ја научите лекцијата, кармата е прочистена и продолжувате напред.
M. A. | Црнобело