Во главата на нарцисите: Што мислат за себе, а што за другите луѓе?
Украдени детства. Деструктивни бракови. Проблематични врски. Жртвите на нарцисoидните ликови, најдобро знаат колку е тешко да се биде покрај човек што мисли дека е посебен, па никој друг не е важен, освен него.
Честопати слушаме за поимот „нарцис“. А, што тој всушност претставува? Дали се однесува исклучиво на некого што сака да биде во центарот на вниманието и му се допаѓа како изгледа?! Или, пак, има и нешто повеќе од тоа?
Според психијатрите, нарцисоидните личности очекуваат прекумерна восхит од останатите луѓе. Притоа, буквално сѐ мора да се врти околу нив. Сите други се небитни, па ги претвараат во жртви, уверувајќи ги дека помалку вредат. Себеси, пак, се доживуваат дијаметрално различно од впечатокот што го оставаат на околината.
Како им функционира умот? Што се мота низ главата на нарцисите? Ви откриваме во прво лице. Еве што мислат за себе, а што за другите луѓе:
„Јас се сакам и знам дека и ти ме сакаш.“
„Нема потреба да ти се извинам.“
„Само малку луѓе на светов ми се рамни. Но, уште ги немам запознаено.“
„Јасно ми е дека постојат правила и обврски. Меѓутоа, важат само за тебе. Јас немам ниту време, а ни желба да ги следам.“
„Се надевам ме цениш мене и сето она што го имам направено за тебе. Јас сум прекрасна и безгрешна личност.“
„Сакам да сме еднакви, ама не сме, ниту пак некогаш ќе бидеме.“
„Можеби ти изгледам дрско и арогантно. Тоа е сосема во ред. Најважно е да не бидам како тебе.“
„Што и да сторам, од тебе очекувам верност.“
„Ќе ти давам критики и очекувам да ги прифаќаш. Особено во јавност – ќе те напаѓам без милост.“
„Не манипулирам. Само сакам нештата да се извршат на начинот како што јас посакувам. Не ми е важно дали на другите ова нема да им чини, ниту како ќе се чувствуваат поради тоа.“
„Очекувам благодарност цело време. Дури и за најмалата услуга што ќе ја направам.“
„Јас се дружам само со најдобрите луѓе. Искрено, повеќето твои пријатели не ми се дораснати.“
„Ако правиш како јас ќе кажам, сѐ ќе биде подобро.“
Не е лесно да се живее или работи со личност која вака размислува и постапува. Тие се преценуваат себеси, а ги потценуваат другите.
Има луѓе кои се „заробени“ од нарциси, поради финансиската ситуација, или, пак, со нив се во комплициран љубовен однос што не можат да го прекинат.
Во таков случај, мора да бидете подготвени на неколку ситуации. Прво, никогаш нема да бидете еднакви во нивните очи. Чувствата на несигурност, неверување и пораз никогаш нема да исчезнат, туку само ќе се продлабочуваат. Кон вас ќе се однесува на начин на кој никогаш не сте ни помислиле, ниту пак очекувале да го толерирате.
Неговите или нејзините потреби секогаш ќе бидат на прво место. Кога се однесува убаво кон вас, тоа веројатно е глума. Ќе ве лаже без страв, бидејќи ним лагите им се средства за манипулација и контрола над другите. Затоа, никогаш не очекувајте да си ја признае грешката, ни да се извини.
Доколку сте жртва на нарцистичко малтретирање, побарајте помош. Психичките рани ќе се залечат, животот ќе ви се подобри, а и достоинството полека ќе ви се врати. Дистанцирањето од ваквите особи ќе ја запре сета болка, а ќе ви го поврати менталното здравје.
М. А. | Црнобело