Чие дело се 10-те најпознати згради во Скопје?
Ниту силните земјотреси, ниту големата поплава биле доволни да се разруши главниот град на Македонија.
Скопје и понатаму опстојува прекрасен според некои, нагрден и непрепознатлив според други, но факт е дека тој е нашиот дом и немаме друго резервно место за живот.
Скопје дише со својата историја и сè уште има свои препознатливи улици и маала, а ова се дел од објектите коишто ја задржале својата автентичност и несекојдневна убавина.
Дали знаете чие дело е Музејот на современа уметност, старата пошта во центарот на градот или пак оригиналната зграда на Владата на РМ?
Погледнете ги монументалните архитектонски обележја на главниот град и дознајте нешто повеќе за нивните автори:
Влада на РМ
Автор на оригиналната зграда е архитектот Петар Муличковски, роден на 2-ри март 1929 година во Прилеп.
Муличковски е исто така автор и на зградата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Македонска академија на науките и уметностите – МАНУ
Борис Чипан е името кое треба да го запаметите, бидејќи овој Охриѓанец е творецот на националната научно-творечка установа - МАНУ.
Роден на 27-ми март, 1918 година, Чипан бил и редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.
Музеј на современа уметност
Сместен на самиот рид Кале во непосредна близина на тврдината, Музејот на современа уметност има особена одлика на модернизмот, а тимот кој стои позади неговото проектирање се нарекувал „Варшавски тигри“.
Тројцата автори Kłyszewski, Mokrzyński и Wierzbicki од Полска го освоиле првото место на конкурсот во 1965/66 година, од вкупно 89 пристигнати трудови како идејни решенија за Музејот.
Републички хидрометеоролошки завод во Скопје
Архитектот позади една од најинтересните згради во Скопје е Крсто Тодоровски, роден на 8-ми август 1930 година, кој воедно е дел од првата генерација архитекти запишана на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1949 година.
Автор е на многу проекти со општествен, но и спортски карактер.
Архив на Град Скопје
Георги Константиновски е име кое апсолутно мора да го запаметите.
Роден на 29-ти јули 1930 година во Крагуевац, Србија, Константиновски дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје на одделот за архитектура, а своето образование го продолжил на Универзитетот Јеил во САД. Соработувал со многу познати и славни светски архитекти.
Делата на Константиновски ја дефинираат обновата на Скопје по земјотресот, а нему му ја должиме изградбата на Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Природнонаучниот музеј на Македонија
Зградата во непосредна близина на Зоолошката градина е дело на архитектот Трајко Димитров, кој е роден на истиот ден како и архитектот Крсто Тодоровски.
Негови дела се и Покриениот пливачки базен „Младост” и Административно-деловниот комплекс „Палома Бјанка” во Скопје.
Телекомуникациониот центар за ПТТ
За старата пошта во центарот на Скопје можеме да му се заблагодариме на Јанко Константинов, роден во 1926 година, кој Дипломирал на Архитектонскиот факултет при техничката висока школа во Белград.
Негово дело е и хотелот „Александар Палас“ изграден во 1998 година.
Македонска опера и балет – МОБ
„Биро 77“ стои како тим позади една од најинтригантните згради во Скопје, составен од 4 автори: Стефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер и Марјан Уршич.
Лоцирана покрај кејот на Вардар, домот на операта и балетот е завршен со изградба во 1979 гоодина.
Зграда на МРТ
Една од најпрепознатливите згради во Скопје, зградата на националната ТВ куќа е проектирана од страна на Кирил Ацевски, а целосната изградба на сложената просторна целина е завршена во 1983 година.
Ристиќева палата
Омилената зграда во строгиот центар на Скопје со поглед кон плоштадот и мостот на реката Вардар е дел од визијата на архитектот Драгутин Маслаќ.
Објектот припаѓа на правецот академизам и го оформува најзначајниот агол меѓу познатите ул. Македонија и ул. Максим Горки.
(О)Милена | Црнобело