Што со миленикот откако ќе се разведете?
Кога брачен пар ќе одлучи да се разведе, често се наметнува прашањето кој добива старателство над домашното милениче за време и по разводот.
Меѓутоа, сопружниците често го користат љубимецот како средство за уцена во текот на бракоразводната парница.
Но, за жал, битката за домашното милениче не е борба за старателство. Иако ние ги сметаме за член на семејството, законот не ги гледа на таков начин. Но, тоа секако не значи дека животното треба да се третира како парче мебел, бидејќи разводот е стресен и за домашното милениче.
Во последните 5 години во САД, забележан е пораст на бројот на парови кои во текот на бракоразводната парница се бореле за старателство над домашно милениче. Најголем спор настанувал околу куче – 88% од случаите, во 5% од случаите, паровите се расправале околу мачка, а остатокот околу сите останати видови животни.
Во бракоразводната парница, проблемот со старателство врз домашно милениче се потегнува во 15% од случаите, но помалку од 5% завршуваат на суд. Иако борбата за старателство врз животно не е секојдневна појава, сопружниците често ги користат домашните миленичиња како средство за уцена околу други проблематични прашања.
„Обично еден од сопружниците е навистина емотивно врзан за домашното милениче, а другиот го уценува за да добие нешто друго.“ – вели Марија Когнети, претседателка на Американската академија на адвокати за бракоразводни парници за „Huffington Post”.
Когнети истакнува дека во Америка судиите често ја препознаваат личноста која навистина се грижи за миленикот. Таа ги советува своите клиенти да се откажат од такви преговори, затоа што вообичаено се работи за емоционална уцена, а не за распределба на имотот.
Во вакви случаи, првенствено треба добро да се размисли што е најдобро за миленикот. Треба да се разгледа кој се грижи повеќе и кој има доволно средства и време за да му ги посвети целосно.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





