Џиновско зајче тешко 23 килограми, годишно јаде по 4.000 моркови
Џиновското зајче Даријус е тешко 23 килограми, а долго е 1,25 метри и е најголем зајак во светот, според Гинисовата книга на рекорди. Мајката на Даријус, Алис, претходно ја имала титулата за најголем зајак.
Сопственичката Анет Едвардс (62) од Ворчестер, вели дека треба да го стави на диета бидејќи дневно јаде по 12 моркови, односно повеќе од 4.000 годишно.
Покрај тоа јаде и многу зелки, јаболка и два полни сада со специјализирана храна за зајаци. Вкупната годишна цена на сето тоа е 3.000 евра.
Таа вели дека е неверојатно колку брзо растел Даријус откако се родил и никогаш не помислила дека за пет години ќе ја има титулата за најголем зајак во светот.
„Даријус е од фамилијата џиновски зајаци, но тој е најголем во историјата. Неверојатно е колку е голем. Ако се прашува тој, постојано би јадел. Сепак, има прекрасна личност, па не можам да му се налутам кога ќе се обиде да украде уште малку храна - вели Анет, додавајќи дека нејзиниот зајак е многу активен, што е добро за неговото здравје.
„За среќа сака да скока. Морав да поставам ограда на скалите за да не избега надвор. Го третирам како куче. Тој дури и седи со мене на каучот и заедно гледаме телевизија“ - додава Анет.
Гордата сопственичка истакнала дека луѓето постојано доаѓаат да го видат Даријус, бидејќи тој е поголем од повеќето кучиња.
Интересно е и тоа што Даријус е вистински велигденски зајак бидејќи е роден во април. Џиновските зајаци живеат 4-5 години, но во добри услови може да живеат и до 7 години.
Тие се пријателски расположени и интелигентни, опуштени меѓу луѓето, особено оние кои се од мали нозе со нив.