Човек далматинец: Чилеанец кој својот живот го посветил на напуштените кучиња (фото)
Откако го гледал цртаниот филм „101 Далматинец“, Чилеанецот Нелсон Вергара почнал да размислува за спасување и згрижување на повеќе кучиња. Денес во неговиот двор живеат 42 далматинци.
„Се почна од тој филм“ – рекол Вергара, во Чиле познат како „Човекот Далматинец“ и додал дека иако тоа било само анимиран филм, тој навистина имал намера да ја направи вистинската работа и да ги спаси животните од улица.
Поради оваа идеја има проблем со власта. Соседите постојано се жалат на миризбата која доаѓа од неговиот двор, па локалните власти му се заканиле дека ќе го исфрлат од куќата до крајот на месецот.
Нелсон кажува само дека сака да биде пример за другите и да ја подигне свеста за спасување што поголем број напуштени кучиња.
Според последните податоци во Чиле драстично е зголемен бројот на напуштени кучиња, а локалните друштва за заштита на животните потврдиле дека состојбата е алармантна.
Сопствениците ретко ги вакцинираат и стерилизираат своите кучиња, а кога одат на работа најчесто ги пуштаат на улица, па многу од нив лутаат цел ден.
Некои кучиња, кои Нелсон ги спасил од улица биле изгладнети, а Вергара ги храни најчесто по пат на донации и милостина, бидејќи е невработен.
„Сакав да им помогнам, не само на далматинците, туку и на останатите кучиња, бидејќи во Чиле е потребно решение за проблемот со напуштените кучиња“ – рекол Вергара и додал: „Секој ден слушате на вести дека бројот на напуштени кучиња расте, но никој не презема ништо по тоа прашање, кога би имале некаков излез не би имале ваков проблем. “
Неговата љубов кон далматинците е толку голема, што и своето комбе го обоил бело со црни точки.