Сонуваат ли кучињата?
Дали сте се запрашале зошто вашите миленичиња цивкаат додека спијат? Иако е тешко да се утврди што точно се случува во нивните глави додека се во длабок сон, научниците сепак имаат интересни сознанија.
Додека спијат, често се случува кучињата да се тресат, да цивкаат или да ржат. Сопствениците се уверени дека тогаш кучињата сонуваат.
Тешко е да се провери дали е ова точно бидејќи не може да се спроведе истражување на тема сонови, ако испитаниците не можат да зборуваат за она што го сонуваат.
Кучињата во просек спијат 16 часа дневно. Повозрасните кучиња може и пократко да спијат. Она што може да се утврди е дека како и кај луѓето и кучињата имаат повеќе фази на сонот.
Човекот најинтензивно сонува во т.н. РЕМ фаза, па се верува дека тоа е случај и со кучињата. Во оваа фаза на најдлабок сон, кучето ги превртува очите, ги поткрева нозете и „зборува“, цивка.
Како и кај повеќето живи суштества и кучињата во текот на денот доживуваат многу чудни дразби и кога малку ќе се смират и ќе заспијат, сите тие искуства и информации повторно се преработуваат.
Се верува дека кучињата сонуваат на истиот начин на кој тоа го прават и луѓето – повторно преживувајќи го она што им се случило во текот на денот.
Така, нашите миленичиња сонуваат за тоа каде ја сокриле коската, што прави нивниот четириножен пријател кај соседите или дали мачката на која лаеле сè уште е на дрвото каде им избегала.
Истражувачите веруваат дека цивкањето кај кучињата е еднакво на бладањето кај луѓето додека спијат.
Длабок сон и доволно спиење е важно за секое куче, бидејќи во спротивно ќе биде раздразливо, нервозно и ќе има стомачни проблеми.
Знакот дека вашето куче е во длабок сон е познатата поза „сите четири во вис“! Во ваквата положба стомакот не се загрева, а екстремитетите и мускулите се опуштени.
Многу е важно, кучињата да не ги будите наеднаш додека се во фазата на длабок сон, бидејќи можат да бидат непредвидливи.
За почеток почекајте малку, додека не преминат во фазата на нормален сон, а потоа многу полесно ќе го освестите.