Водич за летните фестивали
Ако се подготвувате за некој од музичките фестивали на отворено однапред треба да знаете неколку работи што ќе ве спасат од непријатни и нервозни ситуации.
Носете гумени чизми
Фестивал на отворено + силен летен дожд = многу, многу кал. За да не си го уништите расположението, како ни чевлите, понесете откачени гумени чизми во кои ќе ви биде удобно дури и кога не врне. А ако заврне, нема да имате потреба да го напуштите просторот пред сцената.
Земете марама
Ако веќе мора да одите во јавно wc, наутро прснете го омилениот парфем на марамата што цел ден ќе ја носите со себе. Кога веќе мора да влезете, не мора и да ја вдишете целата фестивалска смреда - врзете ја марамата преку устата и бидете брзи!
Немојте да ја заборавите тоалетната хартија
Освен за нејзината основна употреба ќе ја примените на уште илјада и еден начин. Кога сте на отворено секогаш ќе има нешто што ќе се извалка и треба да се избрише. А наместо постојано да барате тоалетна хартија, бидете личноста од која ќе ја бараат - чуден, но во овој случај ефикасен начин на стекнување нови пријатели
Секогаш имајте влажни марамици
Како и тоалетната хартија и ханзапластот, антибактериските влажни марамици се најдобрите сопатници особено за вакви настани. Користете ги за „миење“ раце, но и лице и тело - редно е да се освежите и тогаш кога не сте покрај туш.
Спакувајте џемпер
Сите знаеме дека дури и во лето навечер студот влегува во коски. Со оглед на тоа дека цел ден ќе бидете во движење и ќе се потите играјќи на омилените звуци, ноќта поминете ја со огромен топол џемпер што ќе ве спаси од настинка која може да ви го уништи патувањето.
Спакувајте ги војничките панталони
Поради џебовите, секако. Добро е сè да ви биде при рака за да не трчате до шаторот, а и ќе се чувствувате посигурно ако мобилниот и парите се скриени во некое мало тајно џепче.
Земете лосион со заштитен фактор
Колку е потребен можеби нема да забележите додека се печете, но сигурно ќе забележите откако ќе бидете испечени. Поштедете се од црвенила и лупење кожа!
Немојте да го носите вашиот iPod
Одите на концерт што значи музиката ќе ве чека таму! А освен тоа што е глупаво да трошите време со слушалки во уши наместо да се дружите ризикувате и да ви го украдат, да го скршите или да ви се намокри/извалка/расипе. Истото важи и за други предмети без кои мислите дека не можете да живеете. Оставете ги дома или ризикувајте да ги загубите засекогаш.
Откажете се од беспрекорен изглед
Нека не ве загрижува мрсната коса или препотеното чело. И онака нема многу огледала наоколу, а луѓето околу вас ќе се изненадат само ако изгледате предобро за такви услови. Опуштете се!