Момчето со девет животи
Едно 25 – годишно момче успеало да ја надитри смртта дури 8 пати, така што успеал да преживее пад од карпа, кршење на вратот, срцеви удари, воспалување на белите дробови и рак.
Метју Хоксли своето прво чудесно бегство од канџите на смртта го имал во 2011 година кога со своите пријатели решил да замине на пливање во Ирска.
Хоксли без да знае колку е длабочината на водата мала, се залетал и нурнал во вода длабока само еден метар, преполна со остри камења. Од ударот ја скршил клучната коска, која му го скршила вратот и за малку што не му го пресекла рбетот, што сигурно ќе го усмртело.
Траумата од падот предизвикала и срцев удар, а неговите дробови се наполниле со вода.
Спасителите се обидувале да го оживеат цели 30 минути, колку што им било потребно да го извлечат од вода.
„Јасно е дека луѓето кои ме извлекоа од вода го спасија мојот живот, бидејќи знаеа точно како да ме одржат во живот додека да дојде итната медицинска помош“ – вели Метју.
Откако бил пренесен во болница му биле потребни цели 5 недели за да излезе од кома. Потоа врз него е извршена комплицирана операција, заради која бил потполно парализиран и со околината комуницирал единствено со трепкање.
Докторите му прогнозирале дека цел живот ќе го помине во инвалидска количка, но за чудо тој проодел по само 5 месеци од операцијата.
Но, овде не бил крајот на неговите маки. Уште додека престојувал во болница, добил смртоносен вирус MRSA, а како резултат на ослабениот имунитет добил големо воспалување на белите дробови.
И кога помислил дека животот не може да му биде полош, докторите му дијагностицирале канцероген тумор на тестисите и по итна интервенција му бил отстранет десниот тестис.
„Постојат толку многу причини за да кажам дека сум најнесреќниот човек на земјата, но исто така и можам да кажам дека сум и најсреќниот. Никогаш не треба да се предадете. Морате да си дојдете на себе и да продолжите понатаму.“ – изјавува Метју.
Сè уште ли сметате дека сте малери?