Приказна: Човек од доверба
Некогаш одамна, во една земја си живеел крал кој мудро управувал со своето кралство. Околу себе имал доверливи луѓе, но му требала уште една исклучително доверлива личност.
Кралот сакал на дворот да има едно паметно, на пред се доверливо младо момче кое знае да чува тајни. И затоа по целото кралство објавил дека бара таква личност.
По некое време се јавиле голем број образувани млади луѓе и кралот бил во дилема кого да го одбере. Затоа одлучил да им постави една задача, па кој ќе ја реши и ќе го образложи решението, ќе биде одбран.
Задачата била едноставна : секое момче добило по три кукли. Тие биле идентични, со еднаква величина, еднакво облечени и со исти фризури.
Но, по нешто се разликувале. А, тоа нешто требало да се пронајде. Задачата навидум била лесна, но после подолго време момчињата ги враќале куклите со образложение дека не можат да ја пронајдат разликата. Но, кралот бил упорен.
„Сигурно ќе се најде барем еден кој ќе ја забележи разликата, вредноста на едната кукла и помалата вредност на останатите две. Таа вредна црта на карактерот на куклата е многу важна. Кој ќе ја забележи таа нејзина карактеристика, значи дека и самиот ја има, а мене ми треба баш таков.“
Најпосле се појавило едно момче кое скромно застанало пред кралот и одвоило една кукла на едната страна, а другите две на другата. Пред било што да каже, го направил следното:
На првата кукла и провлекол една сламка во увото и таа излегла низ другото уво.
На другата кукла и го направил истото, но овој пат сламката излегла низ устата.
И на крајот, кај третата кукла сламката воопшто не излегла, туку останала во куклата.
„Почитуван кралу, последната кукла е највредна“ – мирно одговорило момчето.
„Да, така е“ – задоволно се насмеал кралот, бидејќи задачата била решена.