Муштеријата е секогаш во право, освен кога не е
Нема човек во нашата ни земјa што барем еднаш дневно или еднаш неделно не седнува на кафе, секој во зависност од можностите, нели, или како...
...што викаат старите „колку ти е долга чергата толку“.
Но, со тек на време кафичите некако прераснаа во „снек-барови“, бидејќи очигледно газдите видоа дека повеќе ќар ќе имаат ако заедно со кафето шмркнеш и некој сендвич, помфрит или евентуално салата. Ок може и без кафето, но како и да е за секој има по нешто, а да не е само кафе.
И се тоа е ок, ама услугата малку барем да се подобреше, кога веќе го шириме бизнисот.
Имам приметено две работи во кафичите, снек-баровите, па дури и рестораните, од келнер најтешко е да добиеш чаша вода и прибор за јадење што сече.
Не знам што е со келнерите кај нас, ама кога ќе побараш чаша вода изгледа тоа е „смрт“ за нив. Барај што бараш, ама вода не барај. Барем не обичнаја, чешмовача де. Изгледа ги вреѓа кога ќе им речеш „дечко може чаша вода“. Може имаат поинаков келнерски јазик, којшто ние не го разбираме, па на нивниот јазик тоа значи пцовка.
Ако е така извинете келнери, кажете како се нарачува и како се добива чаша вода, а за неа да не се чека по пола саат и повеќе.
Често и сум станувал од локалот без воопшто да добијам чаша вода, а ти се пие ти се плаче, ама кога не знам како правилно се нарачува чаша вода, тоа ти е ќе си трпиш.
Додуша одамна се токмам да направам две „финти“ кога ќе седнам во некој локал, кафич, снек-бар или како и да е, да седнам и одма да побарам чаша вода со образложение дека ми е за лековите кои морам да ги конзумирам пред јадење. Веројатно тоа ќе упали.
И втората поригорозна „финта“ кога подолго време нема да добијам чаша вода, да почнам да кашлам на глас, да глумам дека се засркнувам и да се дерам „вода, вода...дајте вода се гушам“. Е ако и тоа не упали, ќе си носам литро и пол шише од дома и ќе го ставам на маса, па нека дојде нека ми рече не смее пијалоци од надвор да се внесуваат.
Кога сме кај втората работа, т.е. приборот за јадење, скоро никаде немам сретнато прибор кој сече, па место свечен ручек, еве не мора да е и свечен, место обичен ручек со кој сакаш фино лепо да си се испочитуваш себе си, а и стомакот, добиваш борба во ринг „ти версус јадењето“. Па имаш тегнење и кинење со цел да го „исечеш“ парчето во тањирот за да можеш да го конзумираш. Едноставно си играш држ-недај со храната, бидејќи ти е глупо да фатиш со раце и да јадеш како човек, оти нели сепак културни сме и не сакаме да изгледаме како да не знаеме за што служат вилушка и нож. Но во случајов тие служат само за украс на тањирот, бидејќи како прибор за јадење не си ја обавуваат функцијата.
И за оваа „дисфункција“ по нашите локали имам смислено лек, прибор за јадење од дома, нож и вилушка, кои со сигурност знаеш дека сечат. Е сега малку незгодно е да ги носиш во џеб, па затоа ќе мора да м`кнеш некое поголемо ташниче, да не речам „педерка“ (така е позната таа машката ташна што се носи преку рамо) и немаш гајле. Освен ако не те сретне полиција и бара да те претресе. ;)
Или ако не сакаш од дома да носиш прибор земи си швајцарско ноже, јес да е малку поскапо, ама таму има се од нож, ножици, пила, па до „јуесби“ меморија. Не знам што ќе ти е меморијата, освен ако не ти се свиѓа музиката во локалот, па сакаш да пуштиш нешто твое, али да не претеруваме, локалот не е твој така да за музиката „сус“. ;)
Освен што не можеш да добиеш чаша вода и прибор што сече, понекогаш келнерите ја забораваат најбитната работа, а која исто така тешко се добива, љубезноста.
Па место да се чуствуваш убаво во локалот во којшто седиш, се чуствуваш како на некој да му бодеш очи, оти келнерот те пречекува со некоја мрзелива фаца, како сите бродови да му потонале. Јас разбирам дека им е тешко да стојат по 8 саата дневно, може имаат и некои лични проблеми кои ги засегаат, може и не се доволно платени, ама муштеријата за тоа не е крив, па зошто тој да ги трпи фрустрациите на келнерот!?
Разбирам и дека има и ептен терсене муштерии кои сигурно со келнерот се однесуваат како со личен слуга, па го тормозат, се изживуваат, ама јас не сум таков, па зошто да добивам ист третман како тој некој што е терсене!?
Од сите овие најодбивни ми се келнери кои ги омаловажуваат муштериите на тој начин што недолично се однесуваат кога имаш едноставна нарачка. Еве на пример пред некој ден бев во еден локал кој имаше понуда преку групни попусти со ваучери. И седнувам во локалот, нарачувам тоа што го имам со ваучерот кој нели е со попуст, келнерката прашува „нешто друго!?“, јас велам не, по што таа заминува и иде кај шанкерот и со потсмев му вика „имаат само ваучери“.
Да не ми беше веќе платен ваучерот, ќе го напуштев локалот. Изгледа малата е навикната на „буџовани“ од муштерии кои оставаат по 200 евра на едно седнување, ама тоа седнување очигледно им е ретко, оти локалот беше празен.
И после се чудат келнерите оти нема бакшиш, па на што да оставам бакшиш!? Каква услуга, таков бакшиш.
П.С. Не се сите келнери лоши, има и исклучоци, ама се бројат на една рака.
Горан Ман
Авторот не е лош муштерија, па затоа не му плукајте во кафето. ;)