Предлози за новогодишни честитки што може да ги направите сами (или со своите деца)
Не мора да сте премногу талентирани за цртање како вистински уметник за самите да направите интересни новогодишни честитки.
Празниците се време за подарување, изненадување, за прегратки и за создавање убави спомени.
А дел од спомените можете да создадете сами или со своите деца, ако решите да изработите новогодишни честитки за саканите, наместо да ги купите.
Потребни ви се (отприлика) подебели листови хартија, водени бои, четки за цртање, фломастери, маркери, селотејп, пенкало во златна боја (или златна боја за цртање) и малку фантазија.
И запомнете - овие предлози не мора да ги ископирате целосно, но може да ви се инспирација за да направите нешто уникатно и оригинално, плус да ги израдувате децата (ако ги правите заедно) и да се забавувате.
Честитка со елка
Листот хартија превиткајте го на половина (може да е А4 или помал формат).
Исечете 3 подолги ленти од селотејпот, па залепете ги благо на предната страна на хартијата (за да можете да ги извадите на крај) и направете форма на шпицест рамнокрак триаголник.
Изберете ги боите во кои сакате да ви биде елката, па со водени боички (посветли и потемни нијанси) цртајте линии во средината на триаголникот (како во видеото).
Ставете и неколку златни линии за честитката да светка.
Оставете малку да се исуши.
На крајот, извадете ги лентите селотејп и испишете ја празничната порака.
Видео постапка:
Честитка со лампион
Листот хартија превиткајте го на половина (може да е А4 или помал формат).
На друг лист хартија обележете круг, па исечете го.
Поставете го кругот врз листот хартија што ќе ви биде честитка.
Со левата рака држете го ги цврсто за да не се измрдаат.
Показалецот од десната рака ставете го во водените бои (една по една), па допирајте го на хартијата (во средината на кругот) за да го исцртате лампионот - како во видеото.
Кога ќе бидете задоволни од шарата, тргнете ја хартијата, а бојата оставете ја да се исуши.
Со златна водена боја или со златно пенкало, нацртајте рамка по рабовите на честитката, а со истата боја нацртајте го и врвот на лампионот и конецот со кој е „врзан“.
Ако сакате честитката уште малку да сјае, испрскајте ја со четкичката со златна боја (или со некоја друга сјајна боја).
Испишете ја празничната порака и испратете ја честитката на оној на кого му е наменета.